ПО ПРВИОТ ОБИД ЗА КИДНАПИРАЊЕ НА ВАЊА, МАНЕВ ИЗВАДИЛ 2 ЛОПАТИ ОД „РЕНОТО“ Боре Видевски пробувал црни ракавици пред да тргнат за Скопје

На видео снимка од 24.11.2023 се гледаат Боре Видевски и Велибор Манев откако се враќаат од Скопје по неуспешниот обид за грабнување на Вања. Тие го паркираат „реното кангу“ во дворот на Манев, а тој од него вади 2 лопати, тврди обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.

1,259

На денешното рочиште за судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, беше прикажана и видео снимка од 24.11.2023, денот кога е направен обид на грабнување на Вања.

Во 03.47 часот се забележува „шкода фелиција“ која доаѓа од Велес со изгаснати светла, а ги пали светлата кога поминува покрај куќата на Велибор Манев.






– На видеото се гледа дека надвор од дворот, лево, стои паркиран „мерцедесот“ на Манев. „Шкодата“ се паркира зад „мерцедесот“. Боре Видевски се упатува кон капијата, на себе ги носи истата јакна и капа. Стои, па се враќа во „шкодата“. Манев излегува од куќата, влегува во „мерцедесот“ и нешто пребарува. Потоа оди кон „шкодата“, па се враќа кон „мерцедесот“. Во 4 часот Манев влегува во куќата, а Видевски останува на улицата, држи нешто во левата рака. Во 04.01 Манев се враќа и му дава нешто на Видевски и потоа го отвора „мерцедесот“, го затвора и пак оди кон куќата. Во 4.06, додека Видевски стои на улицата и чека, Манев излегува, носи нешто во рацете и му го дава на Боре, најверојатно тоа се црни ракавици, според држењето на телото на Видевски, кој ги пробува на рацете. Двајцата во 4.07 тргнуваат пеш по улицата во насока кон Велес. Потоа во 4.26 обвинетите Манев и Видевски се враќаат пеш пред куќата. Видевски застанува пред „шкодата“, а Манев влегува во дворот, носи нешто во десната рака. Во 4.28 и тој влегува во куќата, а во левата рака носи нешто што наликува на ракавици. Во 4.29 Боре Видевски излегува, оди кон „шкодата“, па заминува десно од куќата. Манев излегува со „рено кангу“. Видевски влегува во „реното“ на совозачкото место. Во 4.31 се упатуваат со „реното кангу“ од пред куќата на Манев во насока кон Велес, а „мерцедесот“ и „шкодата фелиција“ остануваат – рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска на денешното рочиште.

На видео снимка од камерата број 7 на 24.11.2023 се гледаат двајцата откако се враќаат од Скопје по неуспешниот обид за грабнување на Вања, тврди обвинителката Стојковиќ Димитровска.

– Во 10.07 „рено кангу“ пристигнува и се паркира внатре во дворот во гаражното место. Од совозачкото место излегува Боре Видевски, оди кон својата паркирана „шкода“. Од возачкото место излегува Велибор Манев и оди во куќата. Видевски во 10.08 си заминува со „шкодата“. Во 10.12 Манев излегува од куќата, ја отвора задната врата од „рено кангу“ и вади две лопати. Ги зема со себе и влегува во куќата – рече обвинителката презентирајќи ги снимките.

На видео снимка од 24.11.2023 се гледа како Велибор доаѓа кај задниот дел од „кангуто“, разговара на мобилен и во 13.35 го отвора гепекот. Потоа од својот „мерцедес“ зема кофа и ја носи во „кангуто“.

– Од гепекот на „реното“ вади вреќа за спиење, темно сина боја, ја дипли и ја враќа. На снимка од 25.11.2023 се гледаат пред куќата паркирани „мерцеседот“ и „реното кангу“. Во 16.37 се забележува како Манев влегува во „мерцедесот“. Во 16.40 пристигнува „шкода фелиција“ управувана од Боре Видевски. Манев излегува од „мерцедесот“ и оди кон „шкодата“, двајцата стојат на улицата, разговараат по што Боре Видевски се упатува кон „рено кангу“ и седнува на возачкото место, а Манев влегува во „мерцедесот“. Во 16.41 тргнуваат двете возила кон Велес. Во 19.30 доаѓа „мерцедесот“, Боре излегува, ја отвара капијата, а „мерцедесот“ се паркира. Боре Видевски се упатува кон „шкодата“ и заминува. Од ова заклучуваме дека возилото „рено кангу“ се движи кон Скопје за да биде искристено за настанот од 27.11.2023 година, а „мерцедесот“ на Манев се враќа за да може да се искористи за планираните активности на 26.11 и на 27.11.2023 – рече обвинителката.

На видео снимка од 26.11.2023, Манев во 22.02 излегува со „мерцедесот“, а од друга снимка ќе се констатира дека „мерцедесот“ се враќа дури наредниот ден на 27.11.2023 во 13 часот.

На видео од камерата број 7 на ден 27.11.2023 година во 13 часот се гледа како обвинетиот Велибор Манев со „мерцедесот“ се враќа.

– Ја отвора капијата и влегува со возилото. Овде се забележува дека Манев го носи истиот син џемпер со црна лента кој претходно беше забележан на видеата од камерите на Безбеден град, како совозач во „рено кангу“. Ова е времето откако во Скопје е извршено грабнувањето и убиството на оштетената Вања – рече обвинителката.

На видео од камерата број 3, на 29.11.2023, се гледа како во 16.41 во дворот на Манев пристигнува обвинетиот Боре Видевски. Двајцата разговараат во дворот.

– Ова значи дека двајцата обвинети и по настанот од 27.11 имале комуникација. Во 16.45 влегуваат во куќата. Може да се забележи дека овде обвинетите Велибор и Боре не носат никакви капи на главите, а носат телефони во рацете. Тоа претходно, кога се случуваа настаните, не беше случај – рече обвинителката.

На видео од камерата број 3 на 29.11.2023, во 17.08 часот обвинетите излегуваат од куќата, Видевски држи телефн во раката и му покажва нешто на Манев. Двајцата гледаат нешто во телефонот, по што Видевски заминува. Со оваа снимка заврши презентацијата на видео материјалот од дворот на обвинетиот Велибор Манев во Велес.

Поврзани содржини