Претседателот на Собранието Талат Џафери, по повод албанскиот национален празник 28 Ноември – Денот на знамето, упати честитка до припадниците на албанската заедница во Република Северна Македонија, со желба празникот да го поминат во свечена атмосфера во топлиот семеен круг, каде и да се наоѓаат низ светот.
– Почитувани граѓани на Република Северна Македонија, припадници на албанската заедница, дозволете ми во име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, со особена радост да Ви упатам срдечни честитки по повод албанскиот национален празник 28 Ноември – Денот на знамето, со искрени желби за бескрајни успеси и напредок на Албанците каде и да се. Би сакал овој ноември да не не најдеше со олку трогателни вести кои доаѓаа од сите страни и прославувањето да беше во некоја посвечена атмосфера – се вели во честитката на спикерот Џафери.
Посакувам нашата заедничка определба за европска интеграција, се вели во честитката, да биде единствениот патоказ кој што ќе не поттикнува да работиме со посветеност и да станеме што побрзо дел од големото европско семејство каде ќе можеме сите заедно да го дадеме нашиот придонес за еден подобар свет за младите генерации.
Денеска се одбележува Денот на албанското знаме. Освен што албански знамиња ќе бидат истакнати во повеќе општини во земјава, политичката партија ДУИ најави дека напладне ќе ја одржи својата традиционална свечена академија во хотелот „Александар Палас“.
Во Албанија општо прифатена теза е дека знамето на Албанија, поточно двоглавиот орел е позајмен од печатот на Скендербег. Скендербег, поточно семејството Кастриоти, користеле двоглав црн орел со по една круна над секоја глава.
Орелот е византиски симбол, поточно орелот го користела византиската династија Палеолози. Од страна на модерната албанска нација, орелот почнал да се употребува во доцниот 19 век и раниот 20 век. Како официјален симбол на Албанија за прв пат бил употребен во 1912 година, кога Албанија станала независна држава.