ПО ПОДОЛГО ВРЕМЕ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ВЛАДА БЕЗ ДУИ Тоа ќе биде добро и за партијата на Ахмети, смета Тимчо Муцунски
Сметаме дека се зрели условите за такво нешто и анкетите на јавното мислење тоа ни го покажуваат – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Гласот на Америка.
Нашата цел на овие избори е ДУИ како политички субјект да замине во опозиција. Тоа повеќепати го кажуваме, несомнено дека тоa е добро за Македонија, а добро e и за самата ДУИ. Сметаме дека се зрели условите за такво нешто и анкетите на јавното мислење тоа ни го покажуваат. Затоа очекувам по парламентарните избори после долги години да биде формирана првата влада без ДУИ – изјави Тимчо Муцунски, градоначалник на Аеродром, член на Извршниот комитет и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Несомнено, сметаме дека ќе има простор за компатибилност со албанската опозиција, но во моментов нашиот фокус не е за денот по изборите, сега работиме за денот до изборите, односно структуирање на добра програма, структуирање на добра кампања, позитивна кампања, кампања во која што сите граѓани ќе се препознаат, кампања која што ќе понуди добри политики, а од 9. мај натаму веќе ќе навлеземе во подетална анализа на тие прашања – изјави Муцунски во интервју за Глас на Америка.
Во интервјуто Муцунски одговара и на прашањето за спорот со Бугарија.
– Тоа е проблем кој што го создаде актуелната влада, бидејќи води попустлива и незрела надворешна политика. Ние сме кажале повеќе пати, ваквиот тип на одлучувања, кои што се спротивставени со националните интереси на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ не ги прифаќа. Затоа велиме ние, треба да се има, да, поактивен пристап и повеќе пати сме нуделе решенија. Дали е ретроактивната примена на евентуални уставни измени, дали е создавање на еден процес кој што ќе вклучи покрај гаранции од европските институции за Република Македонија, така и признавање од страна на нашиот сосед Бугарија за реалноста, признавање на реалноста која што ја има во Бугарија, а е поврзана со македонското малцинство и правата кои што за жал не ги ужива тоа малцинство во таа земја членка на Европската Унија. Сметаме дека доколку има интерес и разумност од сите страни може да се најде некое решение, но тоа да биде решение кое што ќе ги заштити националните интереси на нашата држава, ќе го заштити дигнитетот на нашиот народ и секако природно ќе го поспеши европскиот пат наместо да создава условувања кои што дополнително ги кочат процесите – вели Муцунски.