По пауза од една година, во Галичник пак ќе свират зурли и тапани
Претстојниов викенд (17 и 18 јули), по пауза од една година продолжува традицијата на одржување на галичката свадба по старата добра сценографија која се повторува веќе 47 години
По пауза од една година поради пандемијата на ковид-19, претстојниот викенд продолжува традицијата на одржување на прочуената културно-сценска манифестација „Галичка свадба“. На годинешното 47 издание од оваа автентична манифестација, судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.
„Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви“, изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник. Тој напомена дека од организациски аспект ќе бидат преземени сите превентивни мерки за заштита на здравјето на учесниците и посетителите, истовремено упатувајќи апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19.
Покровител на годинешната Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура.
„Галичка свадба е чувар на традицијата и наше драгоцено нематеријалното културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор на оваа манифестација која го збогатува и чува препознатливиот македонски фолклор“, изјави министерката за култура, Ирена Стефоска, упатувајќи честитки до годинешните галички младоженци, посакувајќи им среќен и долг заеднички живот.
И оваа година, Пивара Скопје го продолжи традиционалното партнерство со манифестацијата, кое непрекинато трае веќе 47 години, од нејзините почетоци, до денес. Покрај финансиска поддршка која има големо значење за одржување на континуитетот и високото ниво на Галичка свадба, компанијата традиционално обезбеди и пијалаци за учесниците во свадбената церемонија.
Традиционално, официјалниот почеток на годинешната Галичка свадба ќе биде означен во сабота, на 17-ти јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши во недела, 18-ти јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Инаку, според Програмата на годинешната Галичка свадба, која и овој пат изобилува со најразлични забавни и музички содржини, усогласени за сите генерации, започнува уште во петок, 16-ти јули, со настапот на групите Тоа е Тоа, Љубојна и БендОфф, а завршуваа во недела, 18-ти јули, со испраќањето на тајфата Мајовци и посакување „здравојживо видување вгодина“.
Поддржувачи и партнери на годинешната манифестација Галичка свадба се: Министерството за култура, Пивара Скопје АД, винарска визба Тиквеш, Стопанска Банка АД Скопје, Комерцијална Банка АД Скопје, МЕПСО АД Скопје, ЕВН Македонија, ЈПКД Маврово, Клиника Жан Митрев, Национален парк Маврово, Дигитал Центар, Ресторан Маџо 2.0, Шерпа Хорс Рајдинг, Здравствен дом Ростуше, Општина Ѓорче Петров, Солар Спектар, Тои Тои, Спортлајф обложувалници, Пакомак, Спајдер Груп, ЈСП, Алкалоид АД Скопје, Поко М, Орбита Транс, Општина Маврово и Ростуше, Дарма Филм, Вода Маја, ДТИРЗ, Вардар Градско, Славеј, Технокомерц, Пекабеско, Балкан Градба, Саник, Неотел и Делта Електрик.