ПО НОВА ГОДИНА ВЛАДИНОТО МНОЗИНСТВО ТРГНУВА ВО ПОТРАГА ПО БАДЕНТЕР Не е исклучена средба Мицкоски-Ахмети
На владиното мнозинство му се потребни гласови од ДУИ за избор на Народен правобранител, како и за некои планирани измени во Законот за јавна администрација и во Изборниот законик.
Обезбедувањето бадентерово мнозинство за избор на народен правобранител и за други законски решенија може да бидат повод по Нова година премиерот Христијан Мицкоски да оствари средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, на која директно ќе се договараат решенија, пишува „Слободен печат“.
– Во јануари сериозно ќе се ангажираме за да обезбедиме бадентерово мнозинство за избор на народниот правобранител, но и за сите закони за кои тоа е потребно, за да не добиеме непотребно забелешки од ЕУ. Дали лидерот Христијан Мицкоски ќе се сретне со лидерот на ДУИ или преку пратеници ќе разговараме, е работа на стратегија. Не исклучуваме да има разговори на лидерско ниво – изјавил за весникот висок владин функционер.
Неодамна, претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите апелираше пратениците да најдат политичка волја за Собранието да избере народен правобранител, бидејќи станува збор за важна институција и оти е недозволиво таа толку долго да нема прв човек.
За избор на нов народен правобранител мора да се обезбедат и гласови од ДУИ, со оглед на тоа што власта нема бадентерово мнозинство, кое е потребно за избор на прв човек на оваа инсституција. Бадентерово мнозинство е потребно и за усвојување на измени во Законот за јавна администрација и во Изборниот законик.