ПО ЛОКАЛНИТЕ ДУИ ЌЕ СЕ ЗАНИМАВА САМО СО ВНАТРЕПАРТИСКИТЕ, НАМЕСТО СО ДРУГ ТИП ИЗБОРИ Ќе бидат непријатно изненадени од резултатот, порача Мицкоски
Јас жалам што сè уште има структури во опозицијата, во случајов ДУИ, што во отуство на реални проекти и политики, немаат друг начин како да ги мобилизираат своите гласачи и повторно ги навредуваат - велат ќе бидеме во Влада, па ќе ве вработиме, ќе ви дадеме тендер, бизнис, итн, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
ДУИ ќе бидат непријатно изненадени од резултатите на претстојните локални избори и по нив ќе се занимаваат со внатрепартиски, наместо со друг тип избори, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали чека да завршат локалните избори, па потоа да одлучи за предвремени парламентарни избори, премиерот Мицкоски истакна дека неговиот став е јасен и прецизен.
– Мислам дека сум бил многу јасен и прецизен по тоа прашање. Јас жалам што сè уште има структури во опозицијата, во случајов Демократската унија за интеграција, што во отуство на реални проекти и политики, во отсуство на план за граѓаните, немаат друг начин како да ги мобилизираат своите гласачи и повторно ги навредуваат – велат ќе бидеме во Влада, па ќе ве вработиме, ќе ви дадеме тендер, бизнис, итн. Но, мислам дека тоа нема да се случи, барем така како што тие најавуваат и мислам дека на овие избори ќе бидат непријатно изненадени со резултатот. По изборите повеќе ќе се занимаваат во внатрпартиски избори, отколку со друг тип на избори – истакна Мицкоски.
Тој и претходно ги отфрли шпекулациите дека резултатот од локалните ќе доведе до предвремени парламентарни избори напролет. Вчера потсети дека повеќе од 600.000 граѓани лани на изборите гласале за оваа Влада и затоа таа има целосен легитимитет да опстои.
– Јас разбирам дека има политички партии кои освен поделби и националистичи испади немаат друга програма, за да ги мобилизраат своите структури и гласачи. Единствената работа што можат да ја направат е да повторуваат предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги победи во 2021 година со историски резултат на локалните избори, па беше во опозиција 3 години, па дојдоа парламентарни избори, убедливо ги победи со историски резултат. Денеска сме Влада. Би било жално ако позитивните економски индикатори ги прекинеме со предвремени парламентарни избори. Ние како политичка партија го ставаме државниот интерес пред партиските емоции – порача вчера Мицкоски.