ПО КОЈ МОДЕЛ И КОГА ЌЕ ПОЧНЕ УЧЕБНАТА ГОДИНА Опозицијата ја прозва Царовска

Според Весна Јаневска, се јавува оправдан сомнеж дека е можно да се оствари едно единствено сценарио, а тоа е учебната година повторно, како и лани да почне со еден месец задоцнување.

210

На 19 дена пред почеток на учебната година министерката Мила Царовска, сè уште размислува за „сценарио“ односно за моделот за изведување на наставата од можни 3 одобрени на Влада. Едно од нив е учениците да посетуваат физички настава, а дел да следат настава онлајн. Тоа е истиот модел, истото како и минатата година кој заврши успешно со тоа што наставата се одвивала по распоред вели Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.

– На 19 дена пред почеток на учебната година во јавноста не е прикажан ниту еден нов учебник за прво и за четврто одделение според новата концепција за реформи во основното образование. Не видовме како би изгледал во форма на печатен учебник, односно фотокопија, ниту видовме барем еден изготвен дигитален учебник. За дигитални учебници воопшто не станува збор. Бидејќи платформа за поддршка на дигиталните учебници нема, новата иновација на министерката е дека наставниците ќе ги спуштат дигиталните учебници, кои ги нема, на уредите на учениците и ќе ги обучат и учениците и родителите за користење на дигитални учебници, кои на 19 дена пред почеток на учебната година ги нема – вели Јаневска.






Таа додава дека нема ни електронски уреди за следење на наставата, ниту за учениците од прво и од четврто одделение, ниту за останатите од ранливите групи кои минатата година останале без уреди.

– Учебници за останатите одделенија кои не се по новата концепција исто така нема. Учебници за средните стручни училишта исто така нема. На 19 дена пред почеток на учебната година свидетелствата уште не се напишани и најверојатно ќе се пишуваат во последен момент во време кога бројките на заразени од коронавирусот забрзано растат – вели Јаневска.

Според неа, се јавува оправдан сомнеж дека е можно да се оствари едно единствено сценарио, а тоа е учебната година повторно, како и лани да почне со еден месец задоцнување. Или, можеби ќе почне по секоја цена, без учебници, без дигитални уреди, без подготвени наставници, само колку да почне без оглед на реалната состојба.

Поврзани содржини