ПО КЛУПИТЕ И КАНТИТЕ, ИСКРШЕНА И ФОНТАНАТА ВО СОКОЛАНСКИОТ ПАРК Неуморни се вандалите во Куманово

Опремата во соколанскиот парк беше поставена во декември 2023. Оттогаш наваму во неколку наврати беа уништувани клупи и канти за отпадоци.

1

 

Уништена е урбана опрема во Соколанскиот парк во Куманово, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.






„Во Соколански парк е извршен вандалски чин при кој е оштетена фонтаната. Станува збор за сериозно нарушување и уништување на јавен имот, што е целосно неприфатливо. Надлежните служби ќе постапат согласно своите овластувања, а екипите ќе пристапат кон санација“, информираше директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.

Тој најави дека случајот ќе биде пријавен во полицијата.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски го осуди инцидентот и апелираше до граѓаните да го сочуваат заедничкиот имот и да покажат општествена одговорност.

Опремата во соколанскиот парк беше поставена во декември 2023. Оттогаш наваму во неколку наврати беа уништувани клупи и канти за отпадоци.

Општина Куманово годинава еднаш спроведе јавна набавка за нова урбана опрема во вредност од речиси 1,2 милион денари, а лани пак во две одделни набавки потроши два милиони денари за набавка оваа намена.

И граѓаните апелираат да не се оштетува опремата и бараат поставување на видеонадзор, зголемување на полициското присуство и комунална инспекција во паркот и на други локации како и организирање едукативни кампањи помеѓу населението.

 

Фото: Фејсбук страница на Максим Димитриевски
Поврзани содржини