Актерот Кевин Спејси, гостувајќи во подкастот „Bits & Perells“, зборувал за тоа колку неговиот живот се променил за само неколку часа, откако беше обвинет за низа сексуални напади.
– Мислам дека никој нема да се изненади ако кажам дека мојот свет целосно се промени есента 2017 година. Мојата работа, многу од моите односи, мојата позиција во филмската индустрија, сè исчезна за само неколку часа – рекол актерот.
– Не сакам често да им зборувам на луѓето дека сочувствувам со нив, бидејќи мислам дека секој на различен начин доживува некои ситуации. Но, во овој случај можам да се поистоветам со оние чиј свет застанал и кои останале без работа поради коронавирусот. Тоа ни се случило од различни причини, но мислам дека емотивните борби се исти – истакнал Спејси.
Спејси беше обвинет за наводен сексуален напад на 18-годишне вработен во ресторан во 2016 година на островот Нентакет. Во меѓувреме овие обвиненија беа отфрлени, бидејќи оштетениот одби да сведочи.
Меѓутоа, тоа влијаеше на неговите актерски ангажмани, а „Нетфликс“, на кој тогаш се прикажуваше серијата „Куќа од карти“ во која Спејси ја имаше главната улога, исто така, ги прекина сите врски со актерот.