По физичкиот напад синоќа, новинарот Љупчо Златев порачува: За да ме замолчите, ќе мора да ме убиете!
Љупчо Златев, новинар и главен уредник на порталот Економски лидер, бил физички нападна синоќа, нешто по полноќ, во локалот “Трибека” во центарот на Скопје. Во пост на Фејсбук, тој раскажува како бил нападнат и ја разјаснува ситуацијата:
„Јас бев излезен заедно со пријатели, на свирка, како што излегувам често. Нешто по полноќ од масата на која седевме се упатив кон тоалетот на локалот. Додека се движев во ходникот, непознато лице почна да ме удира по градите, да ме плука и да ме влече кон излезот.
Додека ме напаѓаше, лицето ми се дереше ‘Излези надвор, многу си ни згрешил, излегувај надвор… ‘. Јас на неговиот напад се спротиставив и не дозволив да ме извлече надвор, по што приклештен пред влезот тој неколку пати со неговата глава ме удри во пределот на челото.
Веднаш кога се случи настанот од внатрешноста дојдоа гости кои лицето го истуркаа надвор, а во бунилото чув и дека човекот кој ме нападна носел пиштол. Им се заблагодарувам на овие десетина добри луѓе, кои не ги познавам а ме спасија и ги повикувам да ме контактираат за соодветно да им се заблагодарам“, пишува Златев.
Тој вели дека еден од оние кои го истуркале надвор му рекол дека се работи за лице од Автокоманда, кое е дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков. Истото лице му посочило дека надвор пред локалот бил и младиот Мијалков со уште неколку луѓе.
„Веднаш по настанот, пријавив во полиција, која експресно дојде, направивме записник и се упатив кон болница каде што ми беа констстирани лесни телесни повреди на главата и ми беше препишана терапија“.
Златев вели дека се чувствувам добро, не е сериозно повреден и не е исплашен. Синоќа успеал и да го идентификува напаѓачот и да најде линк до неговиот профил на Инстаграм, па податоците ги доставил во полиција. Дознал и дека истите лица во минстиот месец пред „Интермецо“ крвнички претепале еден скопски угостител.
„Јас не се плашам, мене криминалци не ме плашат. Јас сум чесен човек кој против ова зло ќе се бори со сите сили. Ако некој сака да ме замолчи, ќе мора да ме убие! Јас од напади на шмркајли од Автокоманда не се плашам и уште повеќе ме мотивираат да го работам она што го работам“, пишува тој на Фејсбук и најавува дека денеска, во текот на денот, за настанот ќе ги извести и канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадата на САД и амбасадата на Словенија, бидејќи е дописник за медиум од оваа земја.