Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека има 11нови потврдени здравствени работници позитивни на коронавирус од болницата во Куманово. Тој рече дека ова бројка на заболени, во овој момент ја компромитира работата на инфективното одделениена болницата.
– Во кумановската болница имаме 11 потврдени позитивни на коронавирусот. Оваа бројка во овој момент ја компромитира работата на инфективното одделение затоа што и претходно имаше еден здравствен работник дијагностициран. Поради тоа упатени се двајца доктори еден од Скопје и еден од болницата во Штип кои ќе ја организираат работата на ова исклучително важно одделение во овој момент – рече Филипче.
Тој појасни дека се уште траат епидемиолошките анкети заради тоа што, како што рече, има повеќе позитивни лица од уште две одделенија за рендген дијагностика и во делот на општите лекари кои ја покриваат дежурната служба.
– Врз основа на тие епидемиолошки анкети, а согласно тоа колку лица ќе бидат во самоизолација ќе се реорганизира и останатиот дел од болницата, односно другите одделенија. Сметаме дека со дополнителна рестрикција на движењето внатре во градот во општината Куманово имајќи предвид дека е веќе запрен меѓуградскиот превоз е нешто што дополнително може да овозможи ограничување односно спречување на патот на ширење на вирусот – истакна министерот Филипче.
Тој информираше дека во последните 24 часа, две лица починале на Инфективната клиника, каде во моментов се хоспитализирани 67 пациенти, од кои 10 се со тешка клиничка слика, а останатите со средна и лесна. По два негативни резултати на тестови биле испратени дома тројца пациенти од Клиниката, информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филиче.
– За жал, имаме и двајца починати пациенти, еден на 68 години возраст со тешка форма и претходни болести кој се лекувал на Клиниката од 29 март и пациент од Куманово на возраст од 70 години, за кој се уште го очекуваме тестот, а имал тешка форма на воспаление на белите дробови. Од кумановската болница е препратен на Клиниката за пулмологија и понатаму препратен на Клиниката за инфективни болести – рече Филипче.
Во изминатите 24 часа во земјава има 46 нови случаи позитивни на коронавирусот. Во Скопје 13, во Куманово 23, Дебар 2, Прилеп 1, Тетово 2, Велес 2, Гостивар 1 и Гевгелија 2 пациенти. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 430 лица и според местото на живеење случај има во Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка и во Кочани. Денеска овие позитивни 46 тестови се од вкупно 389 направени, односно досега во нашата земја се направени 4.506 тестирања на ковид 19 вирусот.