ПО ДВЕ НЕУСПЕШНИ АУКЦИИ, НА РЕД Е ТРЕТА Колку реално вреди зградата на Еуростандард банка?

Неуспешните досегашни аукции, според експертите за проценка на недвижен имот, водат кон заклучок дека можеби вредноста на овој објект е преценета, а следствено на тоа и индиректно да се претпостави дека некој намерно го кочи процесот на обештетување на депонентите – велат оштетените штедачи.

254

По две неуспешни аукции за продажба на зградата на Еуростандард банка, закажана е трета електронска аукција за 15 март. Од средствата кои ќе се добијат треба да бидат подмирени депонентите на банката, а тоа се оние граѓани кои имале штедни влогови поголеми од 30.000 евра, Фондот за осигурување депозити, државата како и некои компании. Оние граѓани со помали заштеди беа обештетени од државата.

Неуспешните досегашни аукции, според експертите за проценка на недвижен имот, водат кон заклучок дека можеби вредноста на овој објект е преценета, а следствено на тоа и индиректно да се претпостави дека некој намерно го кочи процесот на обештетување на депонентите.






Според реномираната интернационална ревизорска куќа РСМ Македонија која направи процена на вредноста на оваа зграда (по официјални методологии за процена на недвижен имот), реалната вредност не кореспондира со онаа што неофицијално се бара од 8,4 милиони евра.

Објектот има вкупна површина од 3.489 квадратни метри, во кои влегуваат 1.512 м2 под земја, наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места. Канцеларискиот простор е само 1.977 м2. Ревизорската куќа РСМ Македонија го проценува објектот на 5,3 милиони евра.

Објектот не се продава парцијално туку целосно, и навистина станува збор за голем износ на средства за македонски услови кои треба да се издвојат за овој деловен објект.

Деловната зграда на Еуростандард банка е лоцирана во строгото централно подрачје на град Скопје, надворешно изгледа атрактивно и секако е штета да не се користи од некого. Особено што со текот на времето ако не се одржува, ќе се обезвреднува и може да ја „прегази времето”!

Вредноста на деловната зграда на Еуростандард банка треба реално да се процени и да се продаде според пазарни услови, а од добиените средства сите доверители штедачите, Фондот за осигурување депозити, државата да ги добијат своите средства, велат оштетени штедачи на оваа пропадната банка. Тие поставуваат прашање ако овој атрактивен имот не се продаде, каков ќе биде интересот за другиот, не толку атрактивен имот на Еуростандард банка.

Поврзани содржини