По два месеци во карантин, жителите на Москва повторно слободни
Сега сме слободни. Можеме да шетаме сѐ додека носиме маска. Ќе мораме да бидеме внимателни и ќе бидеме внимателни - вели пензионерот Павел.
По речиси два месеци карантин поради ковид-19, жителите на Москва се вратија на рутината, иако руската престолнина сѐ уште бележи повеќе од 1.000 нови случаи на ден.
Речиси 13 милиони жители на Москва сега можат да го користат јавниот превоз, да патуваат со сопствено возило низ градот без рестрикции и можат непречено да излегуваат од своите домови.
– Сега сме слободни. Можеме да шетаме сѐ додека носиме маска. Ќе мораме да бидеме внимателни и ќе бидеме внимателни – вели пензионерот Павел.
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин најави вчера ублажување на рестрикциите и кажа дека пандемијата во градот се повлекува.
Тогаш најави дека денес се ублажуваат мерките, додека сите рестрикции ќе бидат укинати подоцна месецов.
Критичарите на власта во Русија го обвинуваат Собјанин дека избрзал со укинувањето на мерките за да се овозможи воената парада на Црвениот плоштад подоцна месецов и референдумот на 1 јули, кој треба да му овозможи на Путин да остане претседател до 2036 година.
Собјанин истакна дека одлуката е мотивирана исклучиво од константното намалување на бројот на дневно заразените во изминатите недели, од одговорното однесување на жителите на Москва и попуштањето на притисокот врз здравствениот систем на градот.
Во подземната железница, во која нема толкава гужва како пред пандемијата, повеќето патници носеле маски.
Властите денес објавија дека се потврдени 8.595 нови случаи во Русија во изминатите 24 часа, при што во Москва се потврдени 1.572 заболени.
Досега вирусот е потврден кај 485.253, при што само во Бразил и во САД се забележани повеќе случаи.
Во Русија досега се потврдени 6.142 смртни случаи кои се поврзани со коронавирусот.