По долго време – говор кој ќе се памети
Говорот на премиерот беше ретка комбинација од историја што инспирира и политика што нуди насока. Оние што внимателно слушаа можеа да забележат како револуционерниот завет од минатото елегантно се прелева во конкретна визија за економија, социјална правда и ред.
По повеќе минати години без покана, конечно и јас бев почестен со покана за присуство на свечената академија „Од идеја до држава“, по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври. И навистина, тоа беше чест и задоволство не само поради добиената покана, туку поради содржината на церемонијата, духот и енергијата кои лебдеа во театарската сала.
За прекрасната атмосфера и достоинственото одбележување на денот се погрижија Националниот ансамбл „Танец“ и македонските театарски актери, кои со својата изведба создадоа чувство на гордост и припадност. Но, она што остави најсилен впечаток беше говорот на премиерот Христијан Мицкоски, кој, без претерување, ќе одекнува уште долго во ушите на секој добронамерен македонски граѓанин.
Говорот на премиерот беше ретка комбинација од историја што инспирира и политика што нуди насока. Оние што внимателно слушаа можеа да забележат како револуционерниот завет од минатото елегантно се прелева во конкретна визија за економија, социјална правда и ред. Премиерот успеа да ја поврзе историската приказна и симболика со современите предизвици, покажувајќи дека патриотизмот денес не се мери само со зборови, туку со дела. Токму поради таа целовитост, го сметам говорот за еден од највпечатливите и најдобро структуирани на македонската политичка сцена во последните петнаесетина години. Овој говор претставуваше тријадна структура (минато, сегашност и иднина), класична за државнички говори, но мошне умешно и со стил реализиран.
Она што го издигнува говорот над секојдневната партиска полемика е симболичниот обид да се потенцира политичкиот авторитет во државата. Премиерот со право ја постави Владата како чувар на државноста, а сегашната опозиција како контраст на таа одговорност. И затоа со право кажа дека опозиција која не нуди визија, која се занимава со „измислени бројки и блефови“, не е опозиција туку мегафон што гласно крчи на секој изговорен збор. Нивните нереални математики само дополнително иритираат и јасно ни покажуваат дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи. Со тоа, Мицкоски не само што ја одби нивната досегашна неаргументирана критика, туку ја прикажа како ирелевантна, сведувајќи ја на празна реторика без содржина потврдена со резултатите на претходните парламентарни и сегашниве локални избори. Наместо дебата исполнета со „политички калкулации и блефови“, тој јасно посочи дека во иднина дебатите треба да се пренасочат кон темите морал, легитимитет, капацитет, знаење и одговорност кон управувањето со државата.
Особено впечатлив беше делот каде премиерот ја илустрира „удолницата што ја фати ДУИ од Стража кон Зајас’’. Со оваа метафора тој го покажа видливиот и реален политички пад на партијата, објаснувајќи дека обидите да се манипулира со етнички прашања веќе не функционираат како стратегија. Притоа сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, ги упати да го видат и нешто да научат од примерот на падот на ДУИ. Со овој освртот кон ДУИ, тој одлучно ја демонстрира новата политичка хиерархија во која ВМРО-ДПМНЕ повторно е централниот фактор и испрати порака дека политиката на манипулирање и злоупотреба на етничките теми е минато.
Истовремено, за да не биде сфатен погрешно, тој јасно кажа дека „Македонија е дом на сите, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и сите останати. Со тоа, Мицкоски ја неутрализира можната перцепција на етничка исклучивост и ја претстави историската ВМРО како државна, а не само партиска опција.
Особено суптилен, но мошне важен дел од говорот, беше обраќањето кон коалиционите партнери, оние што, по инерција или интерес, сè уште се обидуваат да „играат на картата на ДУИ и да бидат копија или замена на Али Ахмети. Без да ги именува Мицковски им се обрати на политичарите кои станаа или се кандидати за градоначалници со поддршка на ВМРО ДПМНЕ, а кои постојано ја изневеруваат таа поддршка и добрата волја на Македонците. Тој јасно им даде до знаење дека идното политичко дејствување не може да се темели и гради врз старите матрици на зависност, уцена, непочитување и аздисување. Неговата порака беше повеќеслојна: прво, дека етничкиот клиентелизам веќе нема политичка вредност; второ, дека вистинското партнерство со Владата се мери со лојалност кон државата, а не кон партиски интереси; и трето, дека
дека е надмината старата логика на коалиции од интерес и дека целта е создавање коалиција на принципи, каде што државата и граѓаните се во центарот на политичкото делување и интерес.
Оваа порака истовремено е и јасен сигнал кон помалите политички субјекти дека коалиционото мнозинство нема да дозволи повторно „паралелно владеење“ по етнички или клиентелистички линии. Во новиот политички контекст, секој што ќе се идентификува со моделот на ДУИ, ја губи својата политичка тежина.
Во делот посветен на Европската Унија и нашиот источен сосед, премиерот беше исклучително конкретен. Тој истакна дека секоја евентуална промена на уставот или компромис мора да донесе опипливи и предвидливи резултати за Македонија, за граѓаните и за македонската заедница во Бугарија. Секоја отстапка без јасна корист за државата и граѓаните не е прифатлива. Истовремено, го нагласи и контрастот со опозицијата, која според него е подготвена да даде повеќе отколку што е разумно, користејќи ги овие прашања како вредносна валута. Пораката беше јасна: националните интереси и идентитетот се непрескокливи и се над се, а Македонија нема да попушти пред притисоци, ниту внатрешни, ниту надворешни, кои би ја загрозиле нејзината унитарност и достоинство.
Упатените критики не беа насочени само кон политичките партии, туку тие имаат универзален карактер. Пораката беше кристално јасна: „Може секој да мисли поинаку, но тоа не смее да биде на штета на државата и граѓаните.“ Во поширока смисла на кажаното, ова не беше само говор до политичките опоненти, туку порака до сите (и внатре и надвор) кои со свои постапки ја поткопуваат државата. Со пораката дека ‘Македонија е над сите нас’, премиерот јасно укажува дека националната енергија треба да се насочи не кон меѓусебни пресметки и кавги, туку кон заеднички идеи, прогрес и достоинство. Тоа е дискурс што потсетува на вистинска државност, не на поделби, туку на идеја за заедничко градење.
На крајот кога ќе се погледне целината на говорот, станува јасно дека упатените критики кон опозицијата не ја поткопуваат свеченоста на говорот, туку ја зајакнуваат неговата централна порака: „Државата не смее повторно да се врати во рацете на безидејните, во рацете на оние кои нудат поделби и отстапки по секоја цена, импровизации и вулгарен волунтаризам.“ Затоа, овој говор не е само патриотски есеј, туку реторичка декларација за нова политика на владеење, во која државноста, моралот, патриотизмот и работата се пред сè.
Резимативно: По повеќе години политичка бучава и реторика без визија, конечно слушнавме говор што ја спојува историјата со иднината, зборови што не се само политички, туку државнички. И затоа, со право можам да кажам дека ова е еден од највредните и највлијателните говори на македонската политичка сцена во последниве петнаесет-дваесет години.
Во оваа колумна сакав да го споделам моето лично видување и впечаток од говорот на премиерот Христијан Мицкоски, одржан на свечената академија „Од идеја до држава“. За мене, тоа не беше само политички настап, туку редок пример на државнички говор што ја обединува историјата со современата визија, нудејќи насока за сите оние кои ја чувствуваат Македонија како своја татковина.