По Бугарија и Србија најави масовни тестирања – а што чекаме ние?

Масовните тестирања во Србија ќе почнат за 48 часа, а ќе се користат и т.н. брзи тестови. Масовни тестирања ќе врши и Бугарија. Македонските здравствени власти се уште се колебаат дали да ја променат стратегијата во оваа насока.

2,941

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска (28 март) најави масовни тестирања за коронавирус во таа земја, објавуваат српските медиуми, меѓу кои и blic.rs.

– Ќе го промениме својот пристап и својата политика. Со поддршка на нашите кинески пријатели, ќе преминеме на масовни тестирања. Очекувајте драстичното зголемување на масовните тестирања да почне за околу 48 часа. Имаме доволно тестови за првите неколку дена, во меѓувреме ќе добиеме и нови тестови – изјави Вучиќ.






Врвниот српски епидемиолог Предраг Кон објасни дека зголеменото тестирање ќе помогне да се откријат поблагите случаи и да се изолираат. Се врши обука на медицински сестри по здравствените домови за тестирање. Секој што ќе сака да излезе од изолација ќе мора да има двоен негативен тест. Кон објасни дека ќе се употребуваат и т.н. брзи тестови.

Како што објави Плусинфо рано утринава, бугарскиот претседател Бојко Борисов и кризниот штаб во Софија вчера најавија дека во април и мај ќе почне масовно тестирање на луѓето во таа земја за Ковид-19, при што ќе се користат три вида тестови. Бугарија планира да набави 3 милиони тестови, а расходите за месечно тестирање ќе бидат околу 21 милион левови, односно околу 12 милиони евра.

Борисов ги реши дилемите дали да се остане на најсигурниот, но бавен и скап ПЦР тест, или да набави брзи тестови, кои исто така се сигурни. Дилемата е решена едноставно – наместо „или“, прифатен е пристапот „и“. Борисов ќе набави 3 милиони тетсови, од три вида.

Кај нас, брзи тестови прават приватните болници, а јавното здравство засега ги прима и одново ги тестира лицата кои се позитивни. Дел од медиумите, пак, приватните болници ги обвинуваат за „профитерство“. Засега, од нејасни причини, остануваме без одлука за масовно тестирање, иако има такви иницијативи.

Случајот на починатата 66-годишна пациентка од околината на Струга најдобро покажува зошто е важно да се тестира, како со најпрецизниот ПЦР тест, така и со брзите тестови. Таа и нејзиниот сопруг биле дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.

Но, кога се јавиле првите симптоми кај сега починатата, таа уште на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен дури на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден, на 27 март. Поради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите ое тестирањето вчера, пациентката не е примена во болница. Дали ваков исход би се случил ако пациентката била тестирана веднаш кога побарала? Тоа никој не може да го каже, но секако дека е пропуст што тестирањето задоцнило.

До кога Македонија ќе се колеба да ја промени својата стратегија и конечно да пристапи кон масовно и брзо тестирање?

Поврзани содржини