ПО 3.500 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО ЗА МЛАДИТЕ ТАЛЕНТИ Центар инвестира во успешните ученици во спорт, култура и во науки
Учениците од основните училишта во Центар ќе можат да добиваат стипендии осум месеци по ред, зависно од категоријата за која ќе аплицираат.
Општина Центар распиша повик за доделување на стипендии на учениците од општинските основни училишта, во три категории: спорт, култура и науки, техника и посебни вештини. Стипендиите ќе се доделуваат во текот на учебната 2025/2026 година, а ќе изнесуваат од 2.500 до 3.500 денари месечно, зависно од категоријата за која се аплицира.
– Општина Центар и годинава инвестира во младите, во нивната креативност, знаење и спортски дух. Нивните постигнувања се афирмација не само за нашата локална самоуправа туку и за целата држава – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Секој ученик има право да аплицира само во една категорија. За пријавувањето потребно е да се достават потврда за редовно школување или доказ за живеалиште, кратка биографија, контакт на родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени признанија и награди, како и потврди од надлежни федерации или организации – таму каде што е применливо.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар или по пошта на ул. Михаил Цоков бр. 1, со соодветна назнака за категоријата. Рокот за пријавување е 23 септември 2025 година, а ќе се разгледуваат само комплетни и навремено доставени пријави.
Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница на општината: ЛИНК.
.