По 238 дена штрајк со глад, почина турската адвокатка осудена за тероризам (ВИДЕО)
Ебру Тимтик од нашата правна фирма почина - напишале колегите на Твитер. Имаше 42 години.
Почина турската адвокатка по 238 дневниот штрајк со глад во Истанбул, барајќи „фер судење“, откако била осудена за тероризам.
– Ебру Тимтик од нашата правна фирма почина – напишале колегите на Твитер. Имаше 42 години.
Минатата година, таа била осудена на повеќе од 13 години затвор за „припадност на терористичка организација“. Во февруари, барајќи нов процес, таа започнала штрајк со глад.
– Ебру Тимтик пиела само засладена вода, билни чаеви и витамини, а во моментот на нејзината смрт тежела само 30 килограми – велат од нејзиното семејство.
Денеска се случи краток судир меѓу лица блиски до адвокатката и полицијата додека минувало погребалното возило со нејзиното тело.
Полицијата употребила солзавец и користела штитови за да ја оддалечи толпата, јавува АФП.
Сепак, пред затворот, е организирана колона во знак на почит, а потоа и погребна молитва. Стотици луѓе извикуваа „Ебру Тимтик е бесмртна“, пренесува АФП.
Заедно со Ајтака Унсала, која исто така штрајкува со глад во затворот, Ебру Тимтик беше член на Здружението на современи правници, кое е специјализирано за одбрана на политички чувствителни случаи.
Турските власти го обвинуваат здружението за поврзаност со марксистичко-ленинистичката организација ДХКП-Ц, група која извршила неколку атентати и која Анкара и нејзините западни сојузници ја нарекуваат „терористичка“.
Ебру Тимтик, меѓу другите, го претставувала семејството на Беркин Елван, млад човек, кој починал во 2014 година од повреди здобиени за време на антивладините протести во паркот Гези во 2013 година.
Минатиот месец, истанбулскиот суд одби да ја ослободи Ебру Тимтик, и покрај медицинскиот извештај. Слично барање било поднесено до Уставниот суд во август, исто така без успех.
Во јули, Ебру Тимтик и Унсал биле префрлени во две различни болници. Смртта на адвокатката шокираше многу претставници на граѓанското општество во Турција и Европа.