Плус три во Македонија, минус три во Хрватска

70 проценти од светската популација живее во не-демократии, а најголемото назадување, во однос на борбата и волјата за заштита и унапредување на демократските принципи, моментно се случува во земјите во Источна Европа.

845

Македонија излегува на избори во суперизборна година во светот. Година во која демократијата значително назадува во глобални рамки, напоредно со трендовите кои ги покажуваат настојувањата на автократски лидери да ја засилат својата власт. Вреди, се разбира, да се посвети малку внимание на оваа тема, без оглед во колкав обем секојдневните меѓупартиски осуди и глодања во Македонија го заземаат јавниот и медиумскиот простор.

70 проценти од светската популација живее во не-демократии, а најголемото назадување, во однос на борбата и волјата за заштита и унапредување на демократските принципи, моментно се случува во земјите во Источна Европа.






Назадувањето често е резултат на свесни политики што ги водат популисти и националистичко-десничарски партии, кои постигнуваат добри резултати и успеси на изборите. Дури и во демократски најразвиените земји се забележува дека трепкаат предупредувачки светла, пред сè кога станува збор за ослабнување на традиционалните придобивки на слободата на изразување, респектот кон политичките противници и рационалната аргументација во политичката дебата.

Ова се констатира во најновиот годишен извештај на институтот за меѓународна истражувачка работа со седиште при шведскиот Универзитет во Гетеборг, „Видови на демократијата“ (V-Dem). Институтот е поврзан со над 4.200 истражувачи и експерти од 180 земји и го спроведува најсеопфатното мерење на нивото на демократијата во светски рамки.

Источна Европа покажува најобемно влошување. Некои членки на ЕУ, како Унгарија, Хрватска и Романија, се издвојуваат како примери за забележливи тенденции на најизразено опаѓање на демократијата. И овој, најнов извештај на „В-Дем“, го покажува трендот на интензивирање на дезинформациите и зголемената поларизација што ја поттикнуваат политичките партии, проследена со пропаганда на омраза и зачестени дисквалификации на опонентите.

Во исто време и резултатите од други значајни меѓународни истражувања се движат на иста линија, а што се посочува и со насловот на оваа колумна, со цел да се укаже на значајна индикација во однос на демократскиот развој во балканскиот регион во периодот на изминатата деценија, 2013-2023. Негативна бројка значи дека земјата (Хрватска-3, Македонија +3) станала помалку слободна на скалата од 100 степени и обратно, според најновиот извештај на „Фридом хаус“. Патем речено, и за Бугарија и важи истата бројка, -3.

Но, сепак, и Македонија и Хрватска, земени овде како пример за споредливи земји, се далеку од највисоко пласираните земји на ранг-листата. За разлика од првите четири, – кои, како и обично, се скандинавските земји Финска, Шведска, Норвешка и Данска, – Хрватска е пласирана на 30-то место, и тоа во групата на слободни земји во Европа, додека Македонија е на 37-то место, но во групата на „делумно слободни“ европски земји.

Процесите на демократизација, онака како што ги следи шведскиот институт „В-Дем“, покажуваат дека три земји во Источна Европа, односно околу 14 отсто од целиот регион, се движат во извесна позитивна насока. А тоа се: Косово, Црна Гора и Македонија. Но, дури за шест источноевропски земји е дадена оценка за регистрирани процеси на значителен пад: Белорусија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија и Србија. И искуствата во Грција говорат недвосмислено за забележителен демократски пад.

Интересно е дека во извештајот на „В-Дем“ се издвојува заклучокот за група земји, – Македонија, Бенин, Боливија, Бразил, Тајланд и Тунис – кои ги прекинале процесите на автократизација во изминатите години, а некои од нив и мошне успешно. Иако, како што се потенцира во тој контекст, „сè уште не ги знаеме конечните исходи од овие епизоди, што значи дека и понатаму постои можност нивните траектории да продолжат по нагорна линија“.

Поконкретно, кога е во прашање Македонија, во извештајот се укажува дека авторитарните тенденции можеа да се следат уште од 2004 година, но релативно брзото влошување започна во 2007 година кога владата на Груевски почна да ја намалува слободата на медиумите и на граѓанските организации. Земјата стана изборна автократија во 2011 година. СДСМ и сојузот на граѓанските организации поттикнаа широка мобилизација во 2015 година, по обелоденувањето на масовната кампања за незаконско прислушување од страна на владата. Парламентарната криза и изборите во 2016 година „ја насочија Северна Македонија кон свртување од 180 степени“. Но од 2019 година уследи обновената поларизација меѓу партиските елити и загриженоста за владеењето на правото, поради што е „прерано е да се тврди дека епизодата на пресврт и демократизација во Македонија е завршена“.

Со цел да се зајакне отпорноста на демократијата кон процесот на авторитарност, апсолутно централно прашање е да се зајакне знаењето меѓу оние кои во крајна линија ја имаат пресудната моќ во демократијата, односно да се зајакне знаењето на гласачите. Тоа што е неопходно е, всушност, јакнење на свеста за тоа како се случува автократизација на општеството, кои сили форсираат таков политички амбиент и зошто е важно преку „нашите избори“, да не дозволиме да се создаде плодна почва за таков развој. Затоа е потребен колку што е можно поширок, сеопфатен и заеднички проект за поткревање на јавната свест за значењето на демократијата и демократските избори.

Но, останува да се види дали во оваа суперизборна година Македонија ќе остави некаков позначаен белег на глобалната мапа на развојот на демократијата, онаму каде што таа покажува жилави знаци на преживување. Изборната победа ќе ја добијат оние кои во ловот по гласови ќе ги соберат симпатиите на разочараните и дезилузионирани избирачи. Но во колкава мера приказната за наглото свртување од 180 степени кон демократизација, што не толку одамна се случи, сè уште живее меѓу македонските избирачи – е сосема друго прашање.

Поврзани содржини