Поради пречекорување на работното време до 1 часот по полноќ на кафулињата „Интермецо“ и „Мош“ пазарната инспекција им изготви записници за затворање и забрана за работа од 10 дена. Решенијата до локалите ќе бидат доставени во текот на денешниот ден по што ќе бидат пломбирани.
Инспекцијата следувала по зголемениот број пријави од граѓани за гласна музика од угостителски објекти и непочитување на работното време во ноќните часови. Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во соработка со Државниот пазарен инспекторат изминатиот викенд извршил контрола на неколку локали.
Општина Центар постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава. Општина Центар повторно апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обѕир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина.