Племето наше е пиреј
Чудно, ама можно. Во август како да започнува македонската „демократска пролет“. Народот како полека да се буди и освестува. За првпат во самостојна Македонија, речиси, и да нема општина во која нема независна листа на кандидати за градоначалници и советници за престојните локални избори. Започнува, со најдемократското можно оружје, на избори, чекор по чекор, камче по камче, да се руши трипартиското едноумие во Република Македонија
„…Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева…“ („Пиреј“ – Петре. М. Андреевски).
Петре Андреевски е мој идол и идеал, а погоре споменатите зборови се основната идеја и порака на неговото ремек дело, романот „Пиреј“ (1980 г.). Но, во името на светоста на вистината, да бидам искрен, во последните петнаесетина години почнав да се сомневам дали е баш така?
Неспорно е дака туѓите војски и војни, иако беа многубројни, многувековни и брутални, не успеаја да не уништат. Со крв, со пот, со солзи, со леб и сол, како-така, тргај-не кини, падни-стани, пирејски опстанувавме и опстојувавме. Но, дојдоа времиња-невремиња кога Македонија треба да се брани од своите „освојувачи“.
Сведоци сме како во последните петнаесетина години, место „празник на демократијата“, изборите, сеедно дали за локална или државна власт, се претворија во „освојувачка војна“. „Победниците“, еднаш едните, другпат другите, ДУИ секојпат, како сите претходни освојувачи, Македонија ја третираа како „воен плен“. Нивната „битка“ не беше за подобра Македонија. Нивната „битка“ не беше да создадат општество во кое луѓето ќе бидат социјално обезбедени и независни од оние кои го уништуваат нивното достоинство. Не беше за да создадат праведна Македонија во која сите ќе имаат еднакви шанси и можности. Не беше за тоа кој повеќе ќе изгради, туку, напротив, нивната „битка“ беше за тоа кој повеќе да грабне, кој повеќе да ја задолжи, кој повеќе да ја осиромаши и кој повеќе македонски деца да „избрка“ од своите вековни огништа.
А, народ, пак, задоен во духот на онаа народната: „Бог да чува од полошо“, си молчи, си голта јад и чемер, трпи дур се трпи и, на крај, заминува во еден правец.
Ама, во овие врели августовски денови (август ни е судбината) како да дувнаа некои нови ветрови кои носат убаво време (Ацо Шопов). Се случува нешто благопријатно, нешто што „мириса“ на непокор (Анте Поповски). Нешто што наликува на предвесник на „Ново сонце на слободата“ (Владо Малески).
Чудно, ама можно. Во август како да започнува македонската „демократска пролет“. Народот како полека да се буди и освестува. За првпат во самостојна Македонија, речиси, и да нема општина во која нема независна листа на кандидати за градоначалници и советници за престојните локални избори. Започнува, со најдемократското можно оружје, на избори, чекор по чекор, камче по камче, да се руши трипартиското едноумие во Република Македонија.
Народе мој, сега, на 17 октомври, ќе имаш поголем избор, затоа, пред да заокружиш, потсети се на генијалните зборови на нобеловецот Иво Андриќ: „Доаѓаат времиња кога паметните молчат, будалите зборуваат, а бедниците се богатат“!
Велики Петре М. Андреевски, проштевај што за миг се посомневав во твоите зборови дека нашето племе е пиреј…
Исто така, проштевај и за тоа што уште не ја имаме вратено дупката од ѓеврекот што ни ја зедоа уште додека Ти беше жив. Кај и да е, ќе биде. И, не само дупката, и ѓеврекот, а и Македонија ќе си ја вратиме откај што тргнала, па, нели нашето племе е пиреј, како што велеше Лазор Ночески.