Платете нечија сметка, донирајте храна, облека или споделете вештини
Ways2help е дигитална платформа која е медијатор помеѓу донаторите и хуманитарните организации и социјално загрозените семејства. Од средства за операција до покуќнина, плаќање на сметки или работа за еден од членовите на социјално загрозените семејства. Има многу начини за да им се помогне на оние на кои најмногу им треба помош, особено сега, во периодот на пандемијата со ковид 19, доволна е само желба, порачува Моника Ризовска, дел од тимот на оваа платформа со благородни цели.
Ways2Help е платформата која ги поврзува добротворните организации и луѓето кои имаат потреба од помош и која лани, на десеттиот Стартап викенд Скопје кој беше фокусиран на решенија за предизвиците и последиците од ковид 19, го освои првото место.
Ways2Help е замислена како платформа на која сите организации и донатори ќе можат да им помогнат на загрозените во кризата. Покрај можностите за донирање, платформата нуди и опции за волонтерска работа и редовно плаќање на режиските сметки.
Годинава, Ways2help навршува една година од своето постоење. Членовите на тимот кои ја почнале платформата на почетокот не се знаеле меѓу себе, но ги поврзала истата желба, а тоа е – да ги спојат своите искуства и да изградат дигитално решение кое ќе биде од корист за сите организации, индивидуи и компании желни да им помогнат на социјално загрозените семејства.
„Кога започнавме со работа не се познававме сите меѓусебно. Поради пандемијата, се немавме видено во живо, но сепак, истата желба и мисија не споија и успеавме да направиме нешто позитивно и за општо добро. Иако сите сме на различна возраст и со доста различна позадина не обединува искуството во невладини организации и работа на хуманитарни проекти. Сите взаемно носиме вредност од различен агол и перспективаи сметаме дека во тоа лежи и успешноста на самиот тим – во комбинацијата од различна експертиза. Она што не поврзува и не прави деноноќно посветени е, ни помалку ни повеќе истата мисија – да креираме позитивна промена и позитивно движење каде заедно ќе си помогнеме сите меѓусебно и долгорочно.
Интересно беше тоа што лани, иако стануваше збор за натпревар, ние сосема изумивме на можноста за победа. Побитна ни беше реализацијата и желбата за позитивна промена, па така, кога не прогласија за победници, навистина бевме изненадени.
Решението, односно, платформата Ways2help беше изгласана и за едно од најдобрите 54 светски дигитални решенија за помош на социјално загрозени семејства во светот прогласени од Tech stars. Сметам дека неочекуваните победи се најубави бидејќи го покажуваат вистинскиот мотив. Зад ова решение првично стоеше тим од петмина луѓе, додека денес тимот го сочинуваат 11 волонтери и филантропи во срце: Марта Толевска, Дина Дамјановиќ, Моника Ризовска, Георге Богдановски, Александра Манолчева, Бојан Ангелески, Андриана Илиевска, Џево Ибраими, Олја Рајчиќ, Селвир Османовил и Ана Секуловска“, раскажува нашата соговорничка Моника Ризовска.

Целиот текст прочитајте го на порталот „Мајка и дете“.