ПЛАНОТ ЗА ПОБЕДА НА ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ТАЕН? Бајден не бил убеден во „Сторм шадоу и 14 бригади“
Американскиот претседател се спротивстави на притисокот за олабавување на ограничувањата за ракетите „Сторм шадоу“ поради стравувањата дека Владимир Путин може да им возврати на европските и американските воени бази со смртоносна, нуклеарна сила, пишува „ДејлиТелеграф“. Британскиот медиум вели дека украинскиот „план за победа“ е да се ракетираат рутите за снабдување на Русија, а потоа, со дополнителна сила од 14 обновени бригади да се поведе офанзива за враќање на досега окупираните територии во Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден би можел да ги олабави ограничувањата за ракетата со долг дострел, но само доколку Украина претстави „кохерентна стратегија“ за тоа како оружјето ќе се користи, дознава британски „Дејли Телеграф“. Сепак, тоа не се случи на неодамнешната посета на украинскиот лидер во Вашингтон, па „планот за победа“ на Володимир Зеленски засега останува само план.
Планот останува таен?
Дополнително, шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, изјави дека украинскиот план за победа, само делумно ќе им биде претставен на Украинците, затоа што има делови кои се доверливи.
– Некои детали од овој план се доверливи. Но, знаете, важно е спроведувањето на овој план да се види на непријателска територија и тоа да се види од резултатите и победите на нашата армија – рече Јермак.
Тој додаде дека Украинците ќе ја разберат потребата да не се откриваат одредени делови од победничкиот план.
Имало мапа, но не и стратегија
Украинските воени претставници изработија детална мапа на секоја воена цел во Русија, која е во опсег од 300 километри на ракетата „Сторм шадоу“ споредена со поголемиот дострел на американските ракети АТАКМС. Целите вклучуваат депортирање на муниција и гориво, аеродроми и командни центри кои се користат за водење војна во Украина.
Сепак, се чинеше дека Зеленски го напушти Вашингтон претходно оваа недела без да го убеди Бајден дека стратегијата е доволна за да ги оправда прекуграничните напади во Русија со западни ракети.
Американскиот претседател се спротивстави на притисокот за олабавување на ограничувањата за оружјето поради стравувањата дека Владимир Путин може да им возврати на европските и американските воени бази со смртоносна, нуклеарна сила.
Кратење на рутите на Русија
Бајден го задржува правото да стави вето на користење на британските ракети „Сторм шадоу“ бидејќи тие користат американски систем за наведување. Претходно, британскиот премиер и францускиот претседател дадода усмена поддршка за иницијативата на украинскиот лидер.
Зеленски на состаноците со американските лидери во Вашингтон и Њујорк претходната недела ги изложи деталите за неговиот таканаречен „План за победа“ за ставање крај на војната.
Киев верува дека намалувањето на испораките на оружје, муниција, гориво и храна од Русија ќе ги направи позициите на Москва долж линиите на фронтот неодржливи. Украина потоа ќе се обиде да употреби 14 нови бригади, вооружени и обучени од земјите на НАТО, за да изврши копнена офанзива во обид да ја врати иницијативата на бојното поле.
Забелешките на изворот сугерираат дека Украина ќе мора да обезбеди доволно ветувања за опремување на планираните 14 нови бригади кои ќе се користат во тандем со удари од долг дострел за да го свртат бранот на војната. Зеленски претходно се пожали дека намалената западна воена поддршка значи дека нема доволно да се вооружат ниту четири од тие бригади.
Но, украинскиот претседател беше предупреден дека неговите обиди да го засили притисокот врз Бајден за да ги олабави ограничувањата за ракетите може да резултираат со контраефект.
14 нови бригади за победа?
Ракетата „Сторм Шадоу“ и нејзиниот долг дострел се смета за клучна за украинските напори да поведе во војната со Русија.
– Ако можеме да го прекинеме логистичкиот синџир во Русија, тоа ќе ја парализира руската армија на линијата на фронтот. Нема да може да ги движат возилата, а луѓето не можат да бидат без храна и не можат да користат муниција на линијата на фронтот… едноставно немаме доволно инструменти за да ја спроведеме оваа активност. Следната фаза е да се обезбеди сè што е потребно за новите украински бригади… Навистина е важно да се добие паритет со Русија – изјавил украински извор.
Пред да оди во Вашингтон Зеленски започна голема „чистка“ и реогранизација во украинската влада. Меѓу сменетите беше и украинскиот шеф на дипломатијата Дмитро Кулеба. Порталот Еуромајдан напиша дека наскоро може да биде сменет и шефот на разузнавањето Кирило Буданов поради кавга со шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.