ИСЧЕЗНА БЕЛГИЕЦ ВО РЕОНОТ НА ОХРИД Планирал маршрута за планинарење
На 18 септември 2024 година од амбасадата на Кралството Белгија, пријавено е дека исчезнал Ј.M.(72) од Белгија. Според пријавеното, тој имал планирано рута за планинарење во реонот Охрид - Струга (Вевчани) – Дебар (Битуше) и на север кон Албанија, но сѐ уште не се знае дали лицето се упатило на планинарење, соопшти СВР Охрид.
Исчезна Белгиец во реонот на Охрид, а во моментов надлежните лица преземаат мерки за пронаоѓање на исчезнатото лице.
„На 18 септември 2024 година од амбасадата на Кралството Белгија, пријавено е дека исчезнал Ј.M.(72) од Белгија. Според пријавеното, тој имал планирано маршрута за планинарење во реонот Охрид – Струга (Вевчани) – Дебар (Битуше) и на север кон Албанија, но сѐ уште не се знае дали лицето се упатило на планинарење.
Со помош на дрон, извршена е потрага и опсервација на теренот, но лицето не е пронајдено и не се пронајдени предмети и траги кои укажуваат на присуство на лицето на наведениот терен.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, соопшти СВР Охрид.
20.20 часот (МИА) – Петти ден се трага по белгиски турист кој планирал планинарска рута во Северна Македонија и Албанија
Националниот сојуз на планинско спасување на социјалната мрежа Фејсбук објави дека петти ден се трага по белгискиот турист кој имал маршрута за планинарење во Албанија и во Северна Македонија.
„Од 18 септември, среда, во тек е голема акција за барање и спасување на белгиски државјанин, кој се движел по позната патека High Scardus Trail, почнувајќи од нејзината 14-та етапа, во Хиноске, Албанија, со план за нејзино целосно завршување се до етапа 22, во Св. Наум, на Охридското Езеро. Во изминатите 5 дена, во соработка со Интерпол, Граничната полиција и со колегите од Планинската спасителна служба од Косово, пребарани се етапите 14 до 20, на територија од македонска и албанска страна. За жал, до овој момент не е пронајдена ниедна трага од исчезнатиот турист“, се вели во објавата.
Од Националниот сојуз на планинско спасување информираат дека претседателот на Сојузот е во постојана комуникација со конзуларното претставништво на Белгија во Албанија кое ја покренало акцијата за пребарување, како и со МВР и Интерпол во земјава.
Во пребарување на теренот, како што информираат од НСПС, се вклучени волонтери од Планинската спасителна служба при Црвениот крст Охрид, Здружението за заштита и спасување Асклепиј од Скопје, водичи од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Планинарски клуб Церн Камен од Вевчани, планинари од општина Ростуше, припадници на Граничната полиција, како и од Планинската спасителна служба од Косово, кои пребаруваат на албанска територија.