ПЛАНИНАРОТ МИЦКОСКИ НАВРЕДЕН ОД ФИЛИПЧЕ Министерот се стави над Уставот и ме укори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преку Фејсбук го соопшти својот став по прашањето за вакцинирањето и ограничувањето на движењето на невакцинираните со новите мерки кои ги донесе Владата и ќе важат од 16 август.
Откако министерот за здравство, Венко Филипче, на Фејсбук напиша дека мерките кои се донесени не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем, индиректно одговарајќи му на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се огласи и Мицкоски.
– ШОКАНТНО! Министер во Владата на СДСМ/ДУИ се стави над Уставот, ме укори и како Луј 15 рече: државата тоа сум јас…, пардон, тоа сме ние, мислејќи на СДСМ и некои други завршени апсолутистички времиња – реагира Мицкоски додавајќи е срамно што планинарењето како хоби го поистоветил со уставно загарантираното право на секој граѓанин, а тоа е правото на живот и правото на избор.
Потоа Мицкоски преку Фејсбук го соопшти својот став по прашањето за вакцинирањето и ограничувањето на движењето на невакцинираните со новите мерки кои ги донесе Владата и ќе важат од 16 август.
– Лично сум, и ги охрабрувам граѓаните да се вакцинираат, но истовремено, бидејќи сум легалист го почитувам уставното право на секој граѓанин да избере дали ќе се вакцинира или нема да се вакцинира. Силно ги осудувам најновите квази мерки на Министерот и Владата со кои во овие сложени здравствени, политички и економски моменти се делат граѓаните. Доколку наместо по провизии и сомнителни посредници, трговци со јужно овошје од Хонг Конг навреме набавевте вакцини со висок квалитет и степен на успешност, денес немаше да бидеме повторно на врвот на листата на држави со најголема прогресија на вирусот. Жалам што ќе мора уште кратко да трае оваа агонија за граѓаните со Вас како Влада, а уште повеќе жалам што како доктор здравјето на граѓаните го споредивте со хоби како што е планинарењето – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот Венко Филипче попладнево повика на максимална одговорност од сите зошто делта сојот брзо се шири.
– Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација. #ВакцинирајСе! – апелира повторно министерот за здравство.