Плаче НАТО, а плаче и Ангела Меркел

Додека го гледав претседателот како избира зборови да ја објасни мачната атмосфера во која се одвивал разговорот со генсекот на НАТО, но и со Ангела, ми падна криво за луѓето и гласно извикав - ПА ВРАТИ СЕ НА ВЛАСТ БЕ, ПА НЕЛИ ГЛЕДАШ КАКО ТЕ МОЛАТ СИТЕ? НЕ БИДИ ИНАТ!

3,681

Во шок и неверување е целата меѓународна заедница од оставката на Зоран Заев, кој, ете, а што друго да прави во ситуацијава(!?), го одложи своето заминување од премиерската функција, како и од „кормилото“ на СДСМ.

Во драматичните мигови по поразот на СДСМ доживеан во вториот круг од локалните избори во Македонија, целосното внимание на народот беше насочено кон само еден човек. Никој тогаш не беше заинтересиран да го гледа славеничкиот говор на Христијан Мицкоски, небитен беше и Димитар Апасиев, а немаше реакции ниту од исходот на градоначалничката битка во Тетово. Не, сите тогаш го очекуваа обраќањето на Заев, кој две недели претходно вети дека ќе поднесе оставка на сите функции, доколку опозицијата оствари подобар резултат на изборите. И така и бидна. Зоки кажа дека си заминува, што веднаш наиде на земјотрес од пофални зборови од типот дека тој е доблесен, си стои на зборот, дека е првиот балкански политичар што тоа го направил, како тој отвара нова страница во демократијата итн. Со денови се редеа пофалниците за нашиот премиер и неговата оставка. Александар Вучиќ прилично емотивно се прости од својот другар, а таков беше и Еди Рама. Вознемиреност можеше да се почувствува во Атина и Софија, во Брисел, Берлин, Париз и Вашинтон. До наредниот ден на пладне се редеа анализите на светските агенции, на регионалните и европските медиуми, истакнувајќи ја неговата политичка големина и доблесност за да си поднесе оставка.






Од добро известени кругови, медиумите во Македонија почнаа да лиферуваат информации дека политичари од ЕУ се растрчале за да ги убедат претставниците на Бугарија за да ја дигнат „рампата“ за доделување на датум на нашата земја, за отпочнување на пристапните преговори за членство во Унијата. Се шпекулираше и дека францускиот претседател Емануел Макрон му се јавил лично за Заев за да го убедува да остане во Владата, а тој лично им препорачал на своите амбасадори да работат на наше забрзано приклучување кон ЕУ. Интересно е и дека сите информации засновани од „наши извори во Брисел“, завршуваа со констатацијата дека европската иднина на Македонија е загрозена по оставката на премиерот.

Врвот на драмата која оставката на Заев ја предизвика во регионот, во Европа, но и во светот, беше исповедувањето на претседателот Стево Пендаровски, кој посочи дека неодмна остварил куси средби со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбег, но и со германската канцеларка Ангела Меркел. Ќе парафразирам, Пендаровски пренесе дека и двајцата биле видно вознемирени во резговорот, а како што самиот посочува, Столтенберг дури излегол од својата скандинавска природа и двапати го прашал нашиот претседател за причините поради кои Заев си дал оставка.

Додека го гледав претседателот како избира зборови да ја објасни мачната атмосфера во која се одвивал разговорот со генсекот на НАТО, но и со Ангела, ми падна криво за луѓето и гласно извикав – ПА ВРАТИ СЕ НА ВЛАСТ БЕ, ПА НЕЛИ ГЛЕДАШ КАКО ТЕ МОЛАТ СИТЕ? НЕ БИДИ ИНАТ!

Значи плаче НАТО, плаче и Ангела, а Вучиќ без престан плаче од минатата недела. Читајќи ги сите овие работи, човек да помисли дека без Заев во ЕУ нема да нè примат, а од НАТО ќе нè избркаат? Почнав да се плашам дека без Зоки и членството во Отворен Балкан е загрозено!

И толку. Заев се пишмани или подобро речено ја одложи оставката, а неговата одлука воодушевено ја прифатија сите што пред само неколку дена го воздигнуваа до небо за доблесноста и одговорното однесување.

 

Поврзани содржини