ПЛАЌАЛ ЛИ ГРУБИ АЛИЈАС АГИМ ПАРКИНГ? Стоилковски открива кој паркирал бесплатно, Демократски сојуз тврди дека немало гратиси
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска на прес конференција го повика Демократскиот сојуз во рок од 24 часа да ги каже имињата, а во спротивно се закани дека неговата партија ќе ги објави списоците со сите регистарски таблички за привилегираните функционери, ослободени од плаќање паркинг во Скопје, коишто им ги доставил укажувач.
Борче Јакимовски е еден од најчесните и најдобрите менаџери, кој успешно го водел претпријатието „Градски паркинг“ 12 години, без било каква дамка, реагираше Зоран Димитровски, генерален секретар на Демократскиот сојуз по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека функционери користеле бесплатно паркирање во договор со Јакимовски.
– Досега никој не добил гратис карта за паркирање, ниту пак за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор, за што ќе следи кривична тужба. Претпријатието работи согласно законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје – рече Димитровски.
Тој додаде дека „ЈП Градски паркинг“ работи на пазарни основи при што над 270 вработени секојдневно ги извршуваат своите работни задачи. Претпријатието 2021 година ја завршило со вишок на средства од над 27 милиони денари, доволни за исплата на четири плати на вработените.
– Нема донации и субвенции ниту од градот ниту од Владата, парите за кои Советот на градот донесе одлука да му се дадат на претпријатието, се компензација на комуналната такса во износ од 10 отсто. Имено, ако се наплаќа паркинг билет по цена од 30 денари, 18 отсто одат за ДДВ, а 10 отсто за комунална такса или 3 денари, кои одат во Градот, а потоа Градот му ги враќа на претпријатието за да се задржат пониски цени за паркирање. Тоа е така секоја година. Плаќањето на комуналната такса во износ од 33 милиони денари за минатата година е одложено од претходниот директор бидејќи сме во ковид криза, каде што има намалено паркирање, како и можноста да се воведат дополнителни рестриктивни мерки при што прометот ќе се сведе на минимум. Од таа причина директорот Јакимовски овие средства ги има оставено на залиха за нормално сервисирање на претпријатието, за исплата на плати, комунални трошоци и даноци кон државата – објасни Димитровски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска на прес конференција го повика Демократскиот сојуз во рок од 24 часа да ги каже имињата, а во спротивно се закани дека неговата партија ќе ги објави списоците со сите регистарски таблички за привилегираните функционери, ослободени од плаќање паркинг во Скопје, коишто им ги доставил укажувач.
– Јавно прашувам, дали на име Борче Јакимовски доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг се ослободени автомобили на функционери на СДСМ, на ДУИ, како и на Демократскиот сојуз? Дали на име Владимир Кроневски, член на претседателството на ДС, воедно помошник директор на јавното претпријатие, од плаќања се ослободувани стотина автомобили на функционери од власта? Дали и по кој основ од плаќање се ослободени возила да речеме на советникот и шеф на канцеларијата на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, поранешниот директор на Водовод Душко Вескоски, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, па и поранешниот градоначалник на Аеродром Златко Марин и неговото возило, како и други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чие име стои името на Артан Груби? – праша Стоилковски.
На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, од ДС одговорија дека повеќе од еден месец, таа и други партии од владејачката коалиција се предмет на неосновани напади од Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ.
– Демократскиот сојуз ги демантира и со индигнација ги отфрла сите напади, дека на кој било начин, било кој од Демократскиот сојуз, кој извршува функција, е вклучен во криминал. Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство – рече Димитровски.