Писма од воденицата во Шуто Оризари

Па и не ни треба веќе јазикот. Нема кој да го зборува. Тие кои треба да го зборуваат, пишува колумнистoт Сулејман Мехази, веќе се иселија од државата. Помладите уште од предшколска возраст не знаат албански и комуницираат меѓу себе на англиски.

2,230

Една иницијатива на Уставниот суд на Македонија за оценување на уставноста на Законот за јазиците ги покачи тензиите меѓу политичките партии во земјава. Претставниците на партијата која 22 години беше власт, која во име на борбата за правата на Албанците мултимилионери, во хор го почна плачот на кукавиците за наводно „губење на јазичните права на Албанците во Македонија“ и тоа само поради фактот дека не се дел од многуетничката влада и веќе не ја уживаат привилегијата да го дискриминираат и понатаму сиромавиот непартиски Албанец сѐ до негово потполно уништување.

Имитирајќи го францускиот писател Алфонс Доде кој своите раскази ги објавил во посебна книга насловена „Писма од мојата воденица“, Абаз Ѓука алијас Али Ахмети, водач на Европскиот фронт во распаѓање, седнат на мелничкото корито на неговиот „богат“ дедо мелничар, ова сончево есенско политичко време, почна да им пишува писма на „нашите меѓународни пријатели“, на угледните светски лидери како што се Макрон, Шолц, Фон дер Лајен, на Американецот Блинкен, на Албанецот од „Автономната држава на Бектешите“ верскиот лидер Баба Монди, како и писмо до Косовецот Курти кој, како што Абаз му замераше едно време, „сака да го врати Косово во прегратките на Србија“ така како што Вучиќ и Рама посакувале едно време.






Во овие писма тој ги алармираше светските лидери дека со неговите постапки Мицкоски, Меџити, Таравари, Касами и Гаши ја загрозиле уставната тендерска сигурност на интелигентните членови на семејството познато под бизнис псевдонимот „Соравиа“ во регионални рамки до тој степен што „се очекува една дестабилизација“ со трагични последици со повторно враќање на Алија на чело на мултиетничката влада со заедниците пропишани во Уставот, сметајќи ги тука и 3.500 Бугари на Заев и на Борисов изјаснети на последниот попис на населението.

„Борбата“ за албанскиот јазик во Шуто Оризари

Тоа што беше потрагично и истовремено многу смешно беше кога „командантот“ на револуционерниот Европски фронт Абаз Ѓука, на собирот на граѓани во општина Шуто Оризари, доминантно со граѓани од ромска етничка припадност, најави протести за албанскиот јазик без да спомне ниту еден збор за ромскиот, кој е службен во таа општина!

Дали поранешниот „командант“ заборави дека им се обраќа на Ромите или спротивно на оваа теза, во салата немало Роми туку сите биле Албанци донесени од други општини како предизборен собир со мал број Албанци и Роми од општината Шуто Оризари?

Што интерес имале Ромите да учествуваат на еден политички собир каде „Водачот“ (од расказот на Радое Домановиќ), не рече ниту еден збор за супстандардот на ромските училишта, за тешката положба на ромскиот јазик, за мизерниот живот на Ромите иако Декадата на Ромите одамна помина без резултати.

Како лидерот на Ромите, Курто Бурдуш ќе ја образложи одлуката за приклучување кон „Фронтот на пропаѓање“ кога за прв пат после Фаик Абди, Ромите немаат пратеник во Народното собрание, немаат министер од нивна партија, немаат директор од кого ќе бараат административни услуги?

Од сигурни извори овие денови дознав дека Ромите ја напуштат коалицијата Фронт за Европа. Али наместо да им се придружи на демонстрантите Роми од Шутка против скопската градоначалничка Арсова за дискриминација на Ромите во сообраќајот, беше во Истанбул со „европеецот“, сега во бегство, Груби, но без пратениците Турци од коалицијата за Европа и во друштво на асоцијациите на Турците од Румелија го прослави денот на албанското знаме.

Во своите писма и филипики Али им порача на пратениците од Вреди да ја напуштат Владата веднаш оти тоа ќе биде подобро за нивните семејства.

Ниту еден збор за тоа што треба да прави тој и другите пратеници од Фронтот како Села, Илире Даути кои не можат да го замислат животот вон власта.

Ќе продолжат и понатаму да земаат по 3.000 евра од сиромашниот народ во име на лажниот албански патриотизам или и тие ќе го напуштат Собранието?

Како да се напушти Владата кога, од досегашната пракса, луѓето стануваат власт со скинати панталони а после за кратко време ја напуштат владата како мултимилионери?

Тие бенефити, според медиумите и другите допрени гласови од јавноста, најдобро ги осетиле семејството, другарите и пријателите на некогашниот „патриот“ и „револуционер“ Абаз Ѓука и неговиот талентиран внук бизнисмен Дрин за кого точно после една година истрага обвинителството „едвај откри“ дека во багажот на неговата кола не е најдена голема количина петарди и не покрена обвинителен акт, туку прекршочен. А сето тоа во време кога ДУИ се залага за праведно и неселективно судство.

Што му рече Дема на Кадрија?

Кога Заев нѐ повика нас Албанците да ги гласаме уставните измени за промена на името – оп утредента влеговме во НАТО. Од 2016-2018 ни ветуваше дека во Собранието ќе ја поддржи иницијативата за промена на Уставот во делот на службеноста на јазиците, и наместо измислените математички шифри од 20%, ќе гласи албански јазик.

Додека Заев сонуваше да биде нобеловец, а ние Албанците конститутивен народ со албански службен јазик, тој им намигна на албанските политички партии од Коалицијата да излезат со еден доста контрадикторен предлог на Законот за јазиците со цел неговите коалициски партнери и неговата партија да не ги изгубат изборите.

Законот за јазици влезе во сила на 19 јануари 2019, додека на 23 јануари 2019 Заев како премиер на Владата побара од Венецијанската комисија мислење во светло на европските стандарди и принципите на владеењето на правото, принципите на употребата на јазиците (во понатамошниот текст Закон за јазиците), исто така и мислење за алтернативата на Член 8 (CDL-REF(2019)019).

Според медиумските информации, Владата одлучила заменик претседателот на Владата задолжен за европски интеграции Бујар Османи биде нејзин претставник пред Венецијанската комисија.

После тоа вицепремиерот објасни: „Кога се усогласивме за законот, останаа спорни два члена: употребата на јазикот на банкнотите и на униформите на војската. Затоа што имаше правници во тоа врема кои ни покажаа дека тие може да бидат противуставни и евентуално може да паднат пред Уставниот суд (Коха, 5.09.2019). Од друга страна имаше претставници кои мислеа дека и тие членови треба да останат и тогаш се сложивме дека е подобро еден меѓународен неутрален орган објективно да го каже ова“.

Европа се попишмани. Името го сменивме. Европа здај, рекле Словенците пред три децении.

Ниту Заев стана нобеловец ниту ние Албанците конститутивен народ со албански службен јазик иако неколку пати Еди Рама ги фалеше „резултатите“ од владењето на Алија.

Па и не ни треба веќе јазикот. Нема кој да го зборува. Тие кои треба да го зборуваат, пишува колумнистoт Сулејман Мехази, веќе се иселија од државата. Помладите уште од предшколска возраст не знаат албански и комуницираат меѓу себе на англиски.

Исто е и со Македонците, но сепак европски настроената коалиција Заев-Али со Договорот од Преспа името го „продаде“ додека јазикот „го задржа“ и сега скоро сите комисионери од ЕУ научиле по пет реченици на македонски за да нѐ убедат дека македонскиот јазик сепак постои за инает на Бугарите и е службен во ЕУ!

Младите се иселија во западните земји и државата остана празна. Што ќе е јазик во празна држава?

Big Brother-VIP Macedonia 2024!

Таа убава телевизиска серија, која на македонскиот ЕУ службен јазик гласи „Големиот брат“ имав прилика првпат да ја гледам на BBC 4 во Лондон во 2005 година.

Потоа телевизиските центри на Албанија ги копираа тие емисии, се разбира за медиумски профит. И на Косово таквите забавни емисии последните две години зачестија. Суштината на емисиите е како богатите актери, пејачи, луѓе од бизнисот, жените и ќерките на политичарите да ги забавуваат сиромашните луѓе со разни секојдневни нивни глупости.

Оваа година во нашата земја дел од нашите ВИП политичари од поранешната коалиција ДУИ-СДСМ се сместиле во еден шатор зад Уставниот суд, пред влезот во ресторанот „Стара Воденица“ во Скопје. И поставиле неколкучасовна стража со цел да го спречат Уставниот суд да донесе одлука против употребата на јазикот од 20%.

Набргу жител на оваа соба стана и Али, но за кратко. Али во шаторот го чекаше одговорот на неговото писмо испратено до Американецот Блинкен. Тој проценил дека американскиот одговор ќе стигне за неколку недели. За несреќа одговорот му стигна утредента: Груби мора да ја напушти собата на Big Brother, и со тоа тој е исклучен од главната награда од неколку милиони евра!

Револтирано од овој ненадеен гест на Американците, раководството на ДУИ сега бара „меѓународен ветинг“ за сите политичари од 1990 наваму.

ДУИ сега бара ветинг и за Кочо Анѓушев, а спротивно на тоа неговиот колега вицепремиер Груби кој многу пати изјави дека ништо не прави без да ги праша Алија и Американците, токму од нив доби црвен картон а од домашните органи меѓународна потерница и еден месец притвор.

Образложението на ДУИ е дека се револтирани од постапките на „нашите меѓународни пријатели“, во случајот САД, дека во нивните „тефтерчиња за пофалби за криминал и корупција“ за околу триесет години, тие ставиле едвај десетмина политичари од сите политички партии на Албанците и на Македонците, а за две години скоро половината од ВИП политичарите на ДУИ, жители на шаторот пред Уставниот суд!

Изгледа дека во ДУИ или не ги разбираат зборовите на амбасадорката Агелер дека играта на ВИП-овите продолжува и дека набргу се очекува шаторот на Big Brother да го напуштат и други ВИП личности на ДУИ и со тоа ќе се заокружи и меѓународниот ветинг на политичарите, или пак сакаат да ја заплашат со поширока дестабилизација преку руско влијание.

Поврзани содржини