ПИШУВАЊЕТО Е НЕПРЕГЛЕДЕН АМБИС ОД КОЈ НЕМА ДА СЕ ВРАТИТЕ ИСТИ Големи се предизвиците за Симона Јованоска по наградата „Роман на годината“
Црвот е алтер-егото на една категорија плашливи, заморни, збунети, загубени луѓе кои сите ние понекогаш знаеме да бидеме. Црвот е неатрактивен двојник којшто се обидува да пробие на слобода, приближувајќи нѐ кон сопствената природа. Црвот може да е вистината која се плашиме да ја слушнеме, следниот чекор кој не се осмелуваме да го направиме, вината којашто ја чувствуваме за сторените и несторените грешки, баналноста на нештата и работите во скутот на смртта, вели Јованоска за симболиката во нејзиниот роман.
Симона Јованоска е годинешна добитничка на наградата „Роман на годината“ која што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман, а претходно има објавено книга раскази „Ги најдов во длабокото“. Нејзината трета книга е за деца и излегува од печат наесен.
Романот „Денот на црвот“ е издаден во 2021 година од издавачката куќа „Или-или“, во едицијата „ПроАза“, која во 2015 ја издаде и нејзината прва книга раскази. Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Завршила Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг.
„Дејството во романот е поставено како на замрзнато платно на кое со нежен или груб допир се оживува следниот чин. А секој нареден чин ни открива една нова животна приказна која нѐ соочува со тешки животни прашања и одлуки пред кои се исправени ликовите од сликата“, се наведува во рецензијата на романот што ја објави неодамна Плусинфо.
Симона, ја добивте наградата „Роман на годината“ за Вашиот прв роман „Денот на црвот“. Како се чувствувате?
– Се чувствувам преубаво! Огромна чест е да се добие оваа престижна награда којашто има екстра вредност кога е за дебитантски роман. Тоа, на некој начин, го крева личното творечко скалило на едно повисоко ниво, што значи дека со следниот роман ќе имам навистина тешка, и истовремено, предизвикувачка задача да го надминам нивото кое го достигнав. Ова, пак, дополнително ме мотивира да истражувам до каде можам да одам во изразот, и колку можам да бидам добра.
Рековте веќе дека овој роман е Ваша мала голема победа над тешките услови во кои сте го пишувале – второ бебе, пандемија, долг карантин, други семејни и работни обврски… Колку пишувањето е еден вид духовно прочистување на авторот, терапија, а колку е внатрешен порив за творештво, креирање, фантазија, мудрување, оставање нешто зад себе…?
– Мојот однос со пишувањето најпрецизно можам да го објасам како слуга којшто му слугува на својот господар додека истовремено ужива на пијачка со него 🙂. Знаете, пишувањето е макотрпен процес, бара голем труд, инволвираност, изолација и истовремено понирање во својот непрегледен амбис од каде можеби нема да се вратите исти. Многу е важно човек да не се изгуби себеси во процесот, да остане приземен и свесен за случувањата околу себе. Затоа првично го потиснувам поривот за пишување којшто ме мачи. Истовремено, пишувањето ми е премногу забавно, ми отвора нови перспективи, ми дава откачена смисла и останува да биде дел од мојот идентитет.
Која е симболиката на црвот, со кого почнува и завршува дејството во романот?
– Црвот е алтер-егото на една категорија плашливи, заморни, збунети, загубени луѓе кои сите ние понекогаш знаеме да бидеме. Црвот е неатрактивен двојник којшто се обидува да пробие на слобода, приближувајќи нѐ кон сопствената природа. Црвот може да е вистината која се плашиме да ја слушнеме, следниот чекор кој не се осмелуваме да го направиме, вината којашто ја чувствуваме за сторените и несторените грешки, баналноста на нештата и работите во скутот на смртта. Неговата едноставност и истовремено улогата во синџирот на исхрана го прави црвот една особено интригантна фигура која, во мојата приказна, одигра многу важна улога.
Што е за вас слобода во творештвото?
– Токму ова што го правам, да пишувам што сакам, како сакам, кога сакам! Понекогаш знам да се пошегувам дека авторите имаат „комплекс на Бог“ којшто особено ме забавува. Слободата да изградам лик којшто најубаво ми „легнува“, да го оформам како што јас посакувам, да му доделам особини, минато, сегашност и иднина… преубаво е 🙂 Исто така, привилегијата да си поставувам нови предизвици, сега роман, утре расказ, задутре детска книга, понатака… кој знае, има некоја возбуда во ова којашто ми е силен драјв.
Вашиот стил во романот е доста енергичен, во една реченица се одвива цел еден живот. Делува како немилосрден налет на инспирација, која доаѓа, кажува што има и заминува. На што се должи тоа?
– Веројатно на инстинктивниот начин на пишување. Искрата е тука, ја чувствувам пред да се разгори, се разгорува (пишувам), тлее па згаснува. Некогаш пишувам со часови, некогаш само по една реченица. Ништо не форсирам, ако во моментот не ја „чувствувам“ приказната, ја баталувам. Не знам дали би пишувала под поинакви услови. Друга работа е тоа што прифатив дека тоа е мој „печат“ и дека секогаш на некого ќе му се допаѓа, а на некого не, и тоа е во ред. Но, како и сите живи работи, и мојот стил еволуира, па така со душа чекам да видам на каде ќе ги однесе моите ликови, а и мене сосе нив 🙂.
Вашиот писателски талент е неспорен. Наспроти тоа, има ли некој од кого учите како да ги градите ликовите и да ги водите приказните? Кои се Вашите писателски идоли и инспирација?
– Имам идоли само за да можам да ги преиспитувам 🙂. Никогаш наменски не собирам инспирација, на пример еве сега одам да шетам во природа за да се инспирирам. Не 🙂. Во периодот на „опсервација“ јас слушам, гледам, читам и сум во постојана интеракција со луѓе, места и уметности во најразлична форма. Ситниците од секојдневието, луѓето од маалото, песни, судбини, несреќи и беда – сѐ впивам и потоа истото тоа го пренесувам на хартија низ своите сопствени филтри. Сакам да читам, но за жал, имам сѐ помалку време, а кога го правам тоа, верувам на препораките на мојата другарка книжевник Наташа Атанасова. Моментално омилен автор ми е Виктор Пељевин и со радост одново се навраќам на неговата „Чапаев и Празнина“.
Што би им порачале на сите оние кои имаат што да кажат, а сѐ уште не се осмелиле да напишат ниту ред?
– Секогаш ги охрабрувам луѓето кои имаат обид за пишување или се на чекор од тоа да го направат. Сметам дека секој човек кој има што да каже, треба да го направи тоа. Доколку те исполнува – пишувај, доколку не те исполнува – не мора. Доколку се плашиш, напиши и дај им првенствено на блиските да прочитаат, доколку чувствуваш дека тоа е тоа, не се откажувај, такви работи 🙂.
За себе велите дека сте надвор од писателските кругови, но сепак, ја следите сцената. Кои теми сметате дека се запоставени во модерното книжевно творештво кај нас, а би Ви биле предизвик?
– Да, за жал немам многу време за да ги читам домашните автори и се плашам дека на ова прашање нема да можам да дадам прецизен одговор. Она што го знам е дека никогаш не би пишувала само зашто некоја тема е популарна или изостанува од домашната книжевна сцена. Се држам до своите приказни коишто, разбирливо, го отсликуваат времето во кое јас живеам и функционирам, и околностите кои мене лично ми се познати, а не се слушнати или прочитани од некаде. Кога би морала да бирам, би рекла дека фали добар, неизнасилен хумор што лично многу го почитувам и се трудам да го негувам.
Новиот проект ви е книга за деца, која треба да биде публикувана наесен. Како изгледа да се твори за возрасни, а како за деца?
– Да, во месец септември се очекува од печат да излезе мојата трета, и истовремено, прва книга за деца „Градот Вабу“ во издание на Чудна шума. Таргетот на книгата се деца од 6 до 10 години, што значи деца кои знаат да читаат, разбираат и перципираат со своја глава 🙂. Уживав додека ја пишував, ја напишав во еден здив за три дена, дури ни самата не можам да си поверувам 🙂. И пред да добијам свои деца, отсекогаш „си живеев“ со дечињата, ме инспирираат во многу наврати. Тука чувствував дополнителен притисок, бидејќи немав никакво искуство со книгите за деца, но откако ја завршив, знаев дека е тоа тоа, а реакциите од најблиските, како и од издавачката куќа, само ми го потврдија тоа.
Што кога ќе стивне фамата околу наградата Роман на годината?
– Би сакала да им се заблагодарам на луѓето кои на ваков или онаков начин се најдоа на ова откачено патешествие како моја поддршка, мислам дека ништо немаше да биде исто без нив. Кога фамата околу наградата Роман на годината ќе стивне, би сакала да се видам со сите (знаете кои сте), да испијам кафе и да поразговарам на теми кои немаат врска со книжевност, секако до следната книжевна авантура 🙂.