Пиењето кафе од кој било тип го намалува ризикот од проблеми со црниот дроб
Пиењето до три или четири шолји кафе со кофеин или без кофеин на ден го намалува ризикот од развој и умирање од хронични заболувања на црниот дроб, открива новата студија.
Оние кои пијат кафе имаат 21% помала веројатност да развијат хронично заболување на црниот дроб, 20% помала веројатност да развијат хронично заболување и замастен црн дроб и 49% помала веројатност да умрат од хронично заболување на црниот дроб отколку оние што не пијат кафе, се вели во студијата објавена деновиве во списанието BMC Public Health.
„Кафето е широко достапно, а придобивките што ги гледаме од нашата студија може да значат дека може да понуди потенцијален превентивен третман за хронично заболување на црниот дроб“, изјавил авторот на студијата, д-р Оливер Кенеди, кој е на медицинскиот факултет на Универзитетот во Саутемптон во Велика Британија.
„Ова би било особено вредно во земји со помали приходи и полош пристап до здравствена заштита и каде товарот од хроничното заболување на црниот дроб е најголем“, изјавил Кенеди.
Ракот на црниот дроб е во пораст
Фактори на ризик за заболување на црниот дроб вклучуваат пиење алкохол, дебелина, дијабетес, пушење, зарази со хепатитис Б и Ц и заболување од безалкохолен мастен црн дроб, што претставува натрупување на дополнителни маснотии во клетките на црниот дроб, кои не се предизвикани од алкохол.
Дијагнозите на безалкохолно масно заболување на црниот дроб, кое ги погодува луѓето кои се дебели, со прекумерна тежина или имаат дијабетес, висок холестерол или високи триглицериди, се зголемија повеќе од двојно во последните 20 години, според Американската фондација за црн дроб, и погодуваат до 25% од Американците.
Стапката на карцином на црн дроб е зголемена за трипати повеќе од 1980 година до денес, „додека стапките на смртност се зголемија повеќе од двојно“, според Американското здружение за рак.
Причините за рак на црниот дроб вклучуваат дијабетес и безалкохолно заболување на црниот дроб, како и прекумерно пиење или зарази на хепатит Б и Ц.
Дијагнозите за карцином на црн дроб се зголемуваат на глобално ниво со децении – студија од 2018 година откри 75% зголемување на случаите ширум светот помеѓу 1990 и 2015 година.
Ракот на црниот дроб е шести најчест карцином ширум светот, според Светскиот фонд за истражување на рак, а околу 83% од случаите се случуваат во помалку развиените земји, особено во оние во Азија и Африка. Стапките на преживување се слаби затоа што нема рани симптоми, така што многу случаи на рак на црниот дроб се прилично напреднати во периодот на дијагностицирањето.
Голема студија, но само една поента
Студијата ја испитувала потрошувачка на кафе меѓу 494.585 учесници од Велика Британија Биобанк, биомедицинска база на податоци и истражувачки ресурс, а потоа ги следела скоро десетина години.
Максимални придобивки биле забележани кај групата која пиела мелено кафе со кофеин или без кофеин, но имало придобивки и кај оние кои пиеле инстант кафе. Меленото кафе има поголеми нивоа на кахвеол и кафестол, два антиоксиданти кои се наоѓаат во зрната кафе, а во студиите се покажало дека имаат антиинфламаторни својства. Кафестол, сепак, исто така, се покажало дека го зголемува лошиот холестерол или ЛДЛ (липопротеини со мала густина).
Ова не е прва студија која открива здравствени придобивки од кафето. Студија објавена во февруари покажала дека пиењето на една или повеќе шолји црно кафе со кофеин на ден е поврзано со долгорочен намален ризик од срцева слабост.
Исто така, се покажало дека кафето го намалува ризикот од дијабетес тип 2, Паркинсонова болест, рак на простата, Алцхајмерова болест, мултиплекс склероза, меланом и други карциноми на кожа и ги намалува нивоата на калциум во коронарната артерија. И претходната студија на Кенеди открила дека пиењето кафе го намалува ризикот од хепатоцелуларен карцином, најчеста форма на рак на црн дроб.
Студијата за следење на здравствените работници од Харвард, која започнала во 1986 година и студијата за здравје на медицинските сестри, која започнала во 1976 година, ги следат навиките на консумирање кафе кај здрави мажи и жени со децении.
„Не најдовме никаква врска помеѓу потрошувачката на кафе и зголемениот ризик од смрт од каква било причина, смрт од рак или смрт од кардиоваскуларни болести. Дури и луѓето кои пиеле до шест шолји кафе дневно немале поголем ризик од смрт“, напишал доктор Роб ван Дам од Харвардското медицинско училиште.
Внимателно со додатоците
Повеќето студии се прават за пиење црно кафе. Сепак, многу луѓе додаваат млечни производи, засладувачи, ароми или млечни креми кои не содржат многу калории, додаваат шеќер и маснотии. Тоа веројатно ги негира сите придобивки здрави за срцето, предупредува Американското здружение за срце.
Исто така, во повеќето студии шолја кафе значи само 8 унци; стандардната голема шолја во некои кафулиња е двојно поголема – 16 унци.
Кофеинот може да биде опасен ако се консумира прекумерно од одредени популации, покажале истражувањата. Според студија од 2017 година, високо ниво на консумација на кафе (повеќе од 4 шолји) за време на бременоста било поврзано со мала родилна тежина, предвремено породување и мртвородени деца.
Минатите студии исто така сугерираа дека луѓето со проблеми со спиењето или неконтролиран дијабетес треба да се посоветуваат со лекар пред да додадат кофеин во нивната исхрана.
И, се разбира, овие придобивки не се однесуваат на децата. Според Американската академија за педијатрија, децата и адолесцентите не треба да пијат пијалаци што содржат кофеин, кола, кафиња, енергетски пијалаци или други што содржат какво било количество кофеин.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Unsplash