Пи-ар атентат врз Зоран Заев

Ние во Македонија, кои, за жал, имаме искуство и со вистински и со лажни атентати, добро знаеме кој добива, а кој губи, од лажните приказни за „организирани“ и потоа „спречени“ атентати врз клучни политички фигури.

8,162

Како што е познато, Плусинфо не ја објави „веста“ што ја лиферувале „грчки медиуми“, според која грчките тајни служби спречиле атентат врз премиерот Зоран Заев во летото 2018 година, после потпишувањето на Преспанскиот договор.

Да бевме сигурно дека Заев лично е инспиратор, или можеби и автор на една ваква недоговорна шпекулација, ќе постапевме поинаку. Ја знаете латинската поговорка Zaevus non habeat fiduciam? Во превод, на Заев не му веруваме. Но, изгледа дека оваа бува сепак била пуштена без негово одобрение. Би било многу глупаво да е поинаку… Како и да е, одлучивме барем ние да го поштедиме премиерот од јавниот пласман на една ваква недоквакана конструкција, која може само да му наштети за неговиот имиџ пред изборите, кои тој ги доживува како „историски“ (јасно ми е зошто).






Се разбира, внимателно го исчитав наративот пренесен и преџвакан од повеќе наши интернет медиуми. Во него нема никакви сериозни наводи во поткрепа на таа шпекулација, но затоа има многу политикантски подметнувања, главно на сметка на опозицијата во Македонија и на македонската дијаспора, како несуден организатор на лажниот атентат.

Луѓето лесно ја прочитаа оваа конструкција, како уште еден во низата обиди на пи-ар советниците на Зоран Заев да му го подобрат рејтингот. Тоа што, пак, самиот Заев за „атентатот“ се изјасни прилично воздржано, кажува дека можеби и тој успеал да сфати дека овој несреќен пи-ар буст не е добро осмислен и дека подобро е што побрзо да се заборави.

И така, големата афера во најава, шокантната брејкинг-приказна, експресно беше закопана со срамен молк. Аналистите и медиумите афилирани до партијата на власт „мудро“ ја одмолчаа, а и опозицијата, веројатно зафатена со побитни афери и скандали, потфрли во деконструкција на лажната вест.

Без оглед на сѐ, јас сепак сакам јавно да ги опоменам пи-ар стратезите на Зоран Заев, како и сите други кои живеат од тој занает (патем речено, занает кој може да се извршува и квалитетно и одговорно, а не како кај нас), навистина многу да внимаваат ако во иднина повторно одлучат да конструираат или да пренесуваат наративи на темата „атентат“.

Внимавајте, другарки и другарчиња, тоа за Македонија е болна тема!

Се надевам дека сите добро знаеме дека врз првиот македонски претседател Киро Глигоров беше извршен атентат, кој до денес не е расветлен. И тогаш нашите премудри „ловци на атентатори“ прстот го вперуваа кон лица од вмровска и од пробугарска провиниенција, иако и тогаш и денес најсериозната претпоставка беше дека атентатот врз Глигоров најверојатно е дело на тогашни удбашки структури под контрола на српскиот вожд Милошевиќ.

Треба да се потсетиме и на фактот дека вториот македонски претседател Борис Трајковски загина во авионска несреќа над Мостар, во околности кои до ден денес не се целосно и уверливо истражени. Има многу луѓе кои се сомневаат дека и овој трагичен инцидент е нешто повеќе од случајна несреќа.

Ако добро се сеќавам, лажни „атентати“ беа „спречувани“ и во времето кога на власт беше Никола Груевски, а еве, сега ги слушаме истите приказни, веројатно поради исти мотиви – да се купи малку сожалување од народот, премиерот да се портретира како жртва, да му се засили рејтингот, ако може да остане ден повеќе на власт…

Внимавајте, другарчиња, ваквите приказни можат да бидат и опасни, бидејќи во Македонија се случувале и големи бељи, а не дај боже, еден ден може пак да се случат.

Тој што ќе каже дека некој подготвувал атентат, а некој друг спречил, подобро е да знае што зборува и за тоа пред јавноста да презентира уверливи факти. Оти ние, за жал, знаеме што е тоа атентат врз клучна политичка фигура и какви трауми и последици врз целокупниот живот во земјата може да предизвика еден таков настан.

За среќа, ова што сега ни се случи е само еден безболен пи-ар атентат врз Зоран Заев. Колку за показ дека  неодговорноста во ова општество е метастазирана, е човековата глупост ионака е безгранична.

 

Поврзани содржини