ПИЈАНИСТОТ СИМО ШИШЕВИЌ НА СКОПСКО ЛЕТО НА 25 ЈУЛИ Ќе настапи со магичните дела од Брамс, Метнер и Рахманинов

161

Младиот пијанист од Црна Гора Симо Шишевиќ ќе настапи на Јубилејното 45. издание на фестивалот Скопско лето на 25 јули 2024 година, од 20.30 часот во Музејот на револуционерната борба.

Овој настап е негово прво претставување пред македонската публика.






– Ги поканувам сите заинтересирани љубители на музиката да присуствуваат на концертот и да ја слушнат мојата изведба на магичните дела од Брамс, Метнер и Рахманинов. Верувам дека овој мој настап ќе биде само прв во низата на следни концерти во Македонија, со желба дека волшебноста на оваа уметност во Скопје ќе продолжи со мојот настап и следната, 2025 година, во Охрид. Сакам да изразам благодарност за поканата до Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, која годинава слави 45 години работа, како и до директорот на фестивалот „Скопско лето“, г-дин Никола Глигоров – рече Шишевиќ.

Тој се заблагодари на Почесниот конзул на Црна Гора, Милорад Андијашевиќ кој обезбеди средства за престојот во Скопје, како и на Амбасадата на Црна Гора и Веселин Шљиванчанин за нивната поддршка во организацијата на овој концерт.

– Би сакал од сѐ срце да им се заблагодарам на Зоран и Лилјана Трајковски, на Душанка Марсениќ и  Оливера Николова, кои со своето бесценето залагање придонесоа овој настан да се претвори во реалност. Нестрпливо ја очекувам можноста лично да Ви се заблагодарам на сите Вас на 25 јуни, кога со мојата изведба и програма ќе се обидам да разубавам една од летните вечери на градот Скопје – рече Шишевиќ.

За него, проф. Гордон Фергус Томпсон од RCM-Royal College of Music, London, напиша: „Тој е еден талентиран пијанист чија дисциплина и посветеност се втемелени. Тој веќе ги поседува корените на силен виртуозо, неговата техника, интелектуална љубопитност и музикалност инспирираат софистицирани интерпретации“.

Шишевиќ дипломирал на студиската програма BMus (Hons) на Кралскиот Колеџ за Музика во Лондон со Диплома од прва класа, најпрво во класата на пијанистот Гордон Фергус-Томпсон, а потоа продолжил кај познатиот британски професор Џон Бирн. Студирал две години чембало и фортепијано со Џејн Чепмен и Џефри Говиер, како и диригирање со Питер Старк.

Поврзани содржини