„ПИЈАН БЕВ, ИМАМ ЛОШО ПИЈАНСТВО, ПРОСТИ МИ“ Насилникот му се јавил на Митко Јанчев и плачел како бебе
Ја видел мојата кола надвор пред локалот, па влезе внатре, скрши чаша и почна да ме навредува и да удира на масата. Лицето го знам од видување, зад себе има повеќе конфликтни ситуации и познато ѝ е на полицијата, раскажа кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
„Пијан бев, имам лошо пијанство. Многу погрешив. Дома сите сме невработени, имам деца за гледање. Извини премногу“.
Со овие зборови 35-годишниот кавадарчанец денеска телефонски му се обратил на градоначалникот Митко Јанчев, откако синоќа ја загрозил неговата безбедност во угостителски објект и упатувал закани.
Како што раскажа Јанчев за Фокус, лицето денеска буквално плачело на телефон и се извинувало.
– Ја видел мојата кола надвор пред локалот, па влезе внатре, скрши чаша и почна да ме навредува и да удира на масата. Лицето го знам од видување, зад себе има повеќе конфликтни ситуации и познато ѝ е на полицијата. Случката беше навистина непријатна, не само за мене, туку посебно за луѓето кои беа со мене, чија безбедност исто така беше загрозена. Дојде обезбедувањето, реагираа навремено, но сите во локалот се вознемирија поради искажаната агресија, заканите, викањето… Многу лоша слика – вели Јанчев.
Тој додаде дека денеска добил телефонски повик токму од насилникот.
– Почна да плаче и да ми се извинува. Згрешил многу, пијан бил, лошо пијанство, невработени биле дома, имал деца за гледање. Од друга страна, јас секогаш сум во служба на граѓаните, па ако некој има проблем, во секое време може да ми се обрати со цел да му се најде решение за ситуацијата. Јас сум овде за граѓаните, секогаш. Дури и на улица ако ме сретнат, или, пак, како што беше вчерашниот случај, во локал, можат слободно да ми се обратат, да си го кажат проблемот, па да се обидеме да најдеме заедничко решение. Агресивното однесување не е решение. Се вознемирија сите во локалот, настана една лоша сцена. Со закани и кршење на закон само се продлабочуваат проблемите. Разговорот е цивилизиран начин да се средат проблемите, се надевам дека човекот кој синоќа ме нападна ќе го увиди тоа и во иднина нема да прави слични прекршоци – порача Јанчев.