ПЕТРУШЕВСКИ СО ПОРАКА ДО ЈАВНОСТА Владата нема да прифати ниту еден илегален мигрант
Пратеникот Петрушевски уверува дека Владата останува на линијата на строги мерки против илегалната миграција, најавува целосен технички надзор на границите и повторува дека Северна Македонија нема да отвора кампови или центри за мигранти.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во вечерашното гостување во емисијата Топ Тема на Телма порача дека идеолошката определба на неговата партија е строго насочена кон борба против илегалната миграција, а не кон либерализација на мигрантите.
Тој нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да прифати ниту еден илегален мигрант и дека не постои план за изградба на шатори, кампови или хабови.
– Од она коешто значи идеолошка профилација на ВМРО-ДПМНЕ, ние како политичка партија апсолутно сме за борба против илегалната миграција, а не за либерализација на мигрантите, нешто што било својствено за одредени политички партии. Ние апсолутно немаме никаква намера да прифатиме никакви илегални мигранти, апсолутно лага е дека ќе се градат било какви шатори, кампови, хабови – рече Петрушевски, истакнувајќи дека ова прашање е регулирано и во Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија.
Тој се осврна и на новиот владин проект „Safe Country“, чија цел е да ја зајакне контролата врз граничната линија преку техничка опрема, камери и други системи за надзор. Според него, ова ќе помогне не само во спречувањето на илегалната миграција, туку и во ограничувањето на шверцот и нелегалната трговија.
– Ќе го зајакнеме делот на граничното управување. Денеска премиерот најави нов проект налик на „Safe City“, само што ќе биде „Safe Country“. Целата гранична линија ќе биде обезбедена со камери и технички помагала. Покрај спречување на илегална миграција, ќе се спречува шверц и нелегална трговија. За овие чекори добиваме пофалби од членки на ЕУ – изјави Петрушевски.
На крајот повтори дека Владата прави јасна разлика меѓу мерките за спречување нелегални преминувања и прифаќање мигранти.
– Да не ја замајуваме јавноста. Едно е борба против илегална миграција, за што сме за соработка со нашите партнери – а друго е прифаќање илегални мигранти. Оваа Влада нема намера ниту да разговара, ниту да прифати. И тоа денеска многу јасно го објасни премиерот – додаде тој.