ПЕТРОВСКА БАРА ДА СЕ ОТКАЖАТ ИЗБОРИТЕ ВО СДСМ Еден кандидат праќал илјадници пораки, членови биле регистрирани без да знаат
Петровска рече дека регистрацијата на членството не се вршела лично од самите членови, како и дека некои од противкандидатите ги злоупотребиле личните податоци на дел од членовите на партијата. Таа вели дека има сериозни пропусти во избирачкиот список и дека дел од општинските организации давале лажни податоци.
Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска повика да се откажат изборите за нов лидер на партијата закажани в недела и да се формира привремено партиско раководство кое ќе ги закаже внатрепартиските избори кога ќе се создадат услови за нив.
Петровска рече дека изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Како причина за откажувањето на изборите, Петровска го посочува и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече таа, некој користејќи ги алатките, во нивно име ги регистрирал.
– Во определени општински организации се појавуваат одреден број гласачи кои не се дел, односно се само дел од членството на СДСМ, меѓутоа не ја направиле регистрацијата сами и не побарале тие да бидат регистрирани, значи некој друг користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал. Имав забелешка и за она што пред десетина дена се случи, но за тоа сѐ уште немам одговор, тоа е злоупотребата на личните податоци од страна на еден од кандидатите, кога беа испраќани илјадници пораки користејќи ги тие податоци. Партијата започнала со некој процес на внатрешна истрага како е тоа стигнато, кандидатот дал одговор што за мене не е релевантен. Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен, бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат, тоа може да влијае сериозно и на процесот и на резултатот – рече Петровска.
Таа рече дека ќе се најде на избирачкото ливче во недела, но дека нема да излезе да гласа.
– Јас ќе се најдам на избирачкото ливче бидејќи материјалите веќе се испечатени, но јас лично нема да излезам да гласам и се разбира, мислам дека тоа треба да го направат и останатите. Не е прашањето кој од нас четворица ќе биде избран, верувајте дека влогот е многу поголем – изјави Петровска денеска пред седиштето на партијата.
Викторија Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ, денеска изјави дека партијата целосно е подготвена за фер и демократски внатрепартиски избори за претседател.
– СДСМ целосно е подготвен за демократски внатрепартиски избори за претседател на партијата кои ќе се одржат во недела. Централната изборна комисија во изминатиот период напорно работеше за да може да спроведе легитимен, транспаретен и демократски процес. Пред сѐ, на регистрација на членовите кои ќе се најдат на избирачкиот список, како и промоција на програмите на кандидатите пред членовите – рече Мадиќ.
Централната изборна комисија по продолжување на рокот за активна регистрација, по барање на општинските организации, на 23 јуни го затвори избирачкиот список.
– Добивме приговори од одредени општински организации, дел од нив беа прифатени, дел не беа, зависно од одредбите на Статутот, Правилниците и одлуките донесени од Централниот одбор. Може да соопштиме дека избирачкиот список којшто ќе се најде на избирачките места во недела ќе брои 23.373 акредитирани членови на СДСМ кои ќе може да гласаат на 77 избирачки места – додаде Мадиќ.
Покрај Петровска, кандидати за лидер на партијата се и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.