ПЕТРОВА И ОФИЦИЈАЛНО НА ДИРЕКТОРСКОТО МЕСТО ВО УЈП Најавува бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок

Новата директорка на УЈП најави дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.

259

Елена Петрова денеска формално ја презеде функцијата директор на Управата за јавни приходи од заменик-директорот Мевљудин Синани.

Како што соопштија од УЈП, нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.






– Во УЈП ќе поттикнам динамичен курс на работа со цел за дигитализација и трансформација, за да обезбедиме плаќањето данок и услугите од УЈП да бидат најмало можно административно оптоварување, а што повеќе да бидат „природно” вградени во деловните системи на компаниите и на „близок дофат” на граѓаните – вели Петрова.

Во однос на даночните обврзници, Петрова ќе негува кооперативност со даночните обврзници преку мрежи за директна соработка и отворена дебата за сите заеднички предизвици во плаќањето даноци и остварувањето на даночните права.

– Даночните обврзници спроти себе нема да имаат бирократи кои настапуваат од позиција на моќ, туку администрација која обезбедува лесно достапни информации, едноставни алатки и директна помош кои ќе водат кон точно плаќање на даночните обврски и лесно и брзо остварување на своите права – вели таа.

Петрова најави и бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок и криминалните даночни измами, како и одговорност и казни за секој што ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.

Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше Раководител на Секторот за наплата и управување со долгови.

Поврзани содржини