Петре Шилегов, „Скопје 2014“ требаше да се урива, а не Универзална сала!

3,919

Универзална сала во Скопје ќе се урива, од новиот објект абер нема, а на местото на стариот ќе никне парк. Тоа е, накусо, веста што разлути многу луѓе, кои на социјалните мрежи жестоко ги критикуваат намерите на градоначалникот Петре Шилегов.

Градските власти објавија дека се решени да го осмислат просторот кај објектот Универзална сала. Веќе е распишан и конкурс за избор на идејно-архитектонско решение за мала отворена летна сцена со парк „Универзална“, на местото на постоечката сала, простор кој е дел од Градска четврт 31 во Општина Центар и е определен со Деталниот урбанистички план „Буњаковец 2“.






Градските власти информираат дека овој простор со Генералниот урбанистички план и со ДУП е со намена култура, па затоа мора да биде ставена и мала летна сцена, додека останатиот дел од просторот ќе биде парк.

– Летната сцена ќе биде со 150 седишта и ќе зафаќа површина од околу 400 квадратни метри, а останатото ќе биде парк – објаснува Никола Наумовски, шеф на кабинетот на скопскиот градоначалник.

За да се задржат духот на местото и овој простор да остане во колективната меморија на граѓаните, се препорачува авторите во своите конкурсни трудови да направат дизајн кој ќе има елементи на реминисценција на постојната Универзална сала.

Лани во јули Владата му додели средства на Град Скопје за објектот Универзална сала. Но, во меѓувреме излезе дека салата нема да се реновира, туку е можно да се дислоцира.  Во програмата на Владата за капитални дотации во локалната самоуправа во областа на културата за 2019 година, на Град Скопје му се доделени 30 милиони денари за реконструкција на Универзална сала.

Градоначалникот Шилегов дека изградбата на нова Универзална сала ќе почне веднаш откако ќе го добие градоначалничкиот мандат, но еве, на нешто повеќе од една година пред новите локални избори, сега на местото на некогашниот објект ќе никнат трева и дрва.

Многу луѓе на социјалните мрежи не го одобруваат планот на Шилегов.

– И од мене најголемо можно „не“ за уривање на Универзална сала. Тој објект треба да се реновира, но исклучиво во оригиналната форма, без никакви „креативни“ додатоци и интервенции. Тоа што веќе немаме нов „барок“ не значи дека е дозволено уништување на културните симболи на градот, само затоа што се стари и им треба обновување – пишува на Фејсбук Миодраг Мишолиќ.

И младиот автор Божидар Божиновски жестоко реагира по веста дека Шилегов ќе ја урива Универзална сала.

– Скопското „урбано јадро и авангарда” си пушта слики од планини, од Охрид, курци, палци. Ко стигнавме ние до опинците да се нервираме појќе, и „Скопје 2014“ го заслуживте и малку ви е – пишува тој и го потсетува градскиот татко дека „Скоппје 2014“ требаше да се урива, а не Универзална сала.

На Фејсбук веќе е формирана група „Во одбрана на Буњаковец“. Во еден пост на групата пишува:

„Град Скопје на чело со Петре Шилегов најавува дека ќе урива Универзалната сала и се бара да се изгради парк кој ќе стане препознатлив белег на градот.  Па со ова се урива веќе препознатливиот белег на градот, кој плачеше за реновирање! Реновирањето беше предизборно ветување на СДСМ со кое Шилегов дојде во градоначалничка фотелја. А паркот кој треба да се направи на ова мало место за потребите на граѓаните од Буњаковец може да биде огромен парк кај Треска за сите граѓани на Скопје. Ќе остане ли нешто негибнато во Скопје?“

Поврзани содржини