ПЕТМИНА ДОГОВАРАЛЕ ШВЕРЦ НА КОКАИН ОД ХОЛАНДИЈА ПРЕКУ АПЛИКАЦИЈА Претресени се 3 локации, едно лице е приведено
Обвинителството ќе побара мерка притвор за петтоосмничениот лишен од слобода и за други двајца осомничени. За две лица кои се недостапни за органите на прогонот, осомничени и во предметот „Грчец“, веќе е изречен притвор.
Пет лица се осомничени дека преку апликацијата Скај организирале шверц на 6 килограми кокаин од Холандија во Македонија, откри Основното јавно обвинителство во соопштение. Едно лице е приведено утринава по извршен претрес на 3 локации, се додава во текстот.
Обвинителството нареди истрага за петмината кои заедно со други, сега починати лица, во два наврати договориле криминал преку познатата апликација.
Наркотичната дрога била наменета за понатамошна неовластена продажба во државава, се вели во написот.
„Осомничените и сега починатите заеднички преземале инкриминирачки активности дејствувајќи секој во својата улога во делот на неовластена набавка на наркотичната дрога, организирање на нејзино пренесување и складирање на соодветна скриена локација, како и нејзина распределба заради понатамошна неовластена продажба“, соопшти ОЈО.
Во текот на денешниот ден петтоосомничениот кој е лишен од слобода ќе биде изведен пред Судија на претходна постапка и за него обвинителството ќе побара да му биде определена мерка притвор.
Обвинителството информира дека истата мерка ќе биде предложена за уште двајца осомничени, недостапни на органите на прогонот.
За останатите двајца исто така недостапни на органите на прогонот, а кои претходно се опфатени со наредбата за истрага во предметот „Грчец“, мерката притвор е веќе определена и ќе се применува по нивно пронаоѓање.