ПЕТКОВ ПОЛОЖИ ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Власта го пофали, опозицијата го предупреди да не сее „комуникациска магла“

Владејачките партии во Народното собрание задоволни од владата на Петков за напредокот во односите со РСМ, опозицијата очекува нејзиното членство во ЕУ да не биде на сметка на бугарската историја.

565

Владејачките партии во парламентот се задоволни од работата на владата на Кирил Петков за напредокот во односите со Република Северна Македонија (РСМ), а опозицијата очекува членството на РСМ во ЕУ да не биде на сметка на бугарската историја.

На барање на пратеничката група на ГЕРБ-СДС парламентот денеска го ислуша премиерот Кирил Петков за резултатите од размената на политичките посети меѓу двете земји, како и за преземените обврски меѓу нив.






Настимир Ананиев од „Промените продолжуваат“ упати честитки до премиерот Кирил Петков бидејќи, според неговите зборови, „приемот на Република Северна Македонија е важен за бугарскиот интерес и важно е ние всушност да го водиме процесот“. Ананиев се заблагодари за ваквото лидерство.

– Ваква средба меѓу двете влади во Бугарија се нема одржано од 2018 година, истакна тој. „Четири години ништо не е направено, но за две недели е направено толку колку што не е направено за четири години – додаде Ананиев.

Даниел Митов од ГЕРБ-СДС истакна дека очекувањата од денешното ислушување на премиерот не се само тој да даде „извештај за последиците“, туку да даде гаранции за спроведување на препораките на Консултативниот совет за национална безбедност.

– Постигнувањето економска кохезија е само по себе добра работа, но не го одразува вистинскиот акцент на проблемите акумулирани меѓу двете земји – рече тој.

„Ако сте заробеник  на логиката дека е добро на СРМ да ѝ се дозволи да почне преговори, а потоа некако во текот на овие преговори да се решат тешките прашања, должни сме да ве предупредиме дека овој пристап се покажа за неефикасен“, му кажа Митов на премиерот.

– Доколку вашиот сегашен пристап има за цел да крене облаци и комуникациска прашина и магла за да покаже дека нешто необично се случува меѓу двете земји, тогаш обидувајќи се да го продадете овој пристап како вистински резултати, вртејќи го грбот на вистинските проблеми, мора да ви укажеме дека таквиот план нема да функционира и ќе предизвика остра политичка и социјална реакција – додаде тој.

„Наш национален интерес секако е РСМ да биде полноправна членка на ЕУ, но не на сметка на бугарската историја и бугарското национално достоинство“, рече Митов.

Заменик-претседателот на парламентот и пратеник од „БСП за Бугарија“, Кристијан Вигенин, изјави дека на денешното ислучување се потврди одговорноста на мнозинството во парламентот „да не го штити“ опозицискиот премиер.

– Ние не сме го слушнале доскорешниот премиер да зборува на темата РСМ, и, ако не се лажам, тој не беше ниту во салата кога се ратификуваше Договорот за добрососедство – рече Вигенин.

Вигенин е дециден дека односите со РСМ се тема за која владејачката партија и опозицијата треба да се обидат да одржат политички консензус. Тој повика темата да не се користи за внатрешно-политички цели. Вигенин смета дека Националното собрание треба да има активна улога во процесите.

Претседателот на пратеничката група на „Има таков народ“, Тошко Јорданов, коментираше дека темата е исклучително чувствителна за бугарскиот народ.

– Факт е дека односите меѓу двете земји беа на точка на замрзнување. Сметаме дека зајакнувањето на економските и културните врски ќе доведе до намалување на тензиите – рече тој.

Ќе сакаме да имаме законски гаранции за заштита на правата на граѓаните на РСМ со бугарска самосвест. Јорданов кажа и дека вклучувањето на Бугарите како државотворен народ во Уставот е нешто што мора да се случи пред да го „отклучиме“ процесот на пристапување на РСМ во ЕУ.

Поврзани содржини