ПЕТКОВ НЕ МОЖЕ ДА ГО КРЕНЕ ВЕТОТО Во Бугарија ги нема Бети Канческа и Крсто Мукоски
Партиите што отворено го поддржуваат дигањето на ветото не можат да соберат ниту 30 отсто. Може да има пребегани парламентарци за спас на владата, но не и за дигање на ветото, вели лидерот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков.
Бугарија ќе го крене ветото, само доколку македонската страна претходно ги прифати барањата на официјална Софија. Ова го тврдат нашите соговорници, кои ги прашавме дали во Бугарија се подготвува слично сценарио како и во Македонија, кога во пресрет на изгласувањето на Преспанскиот договор, осум пратеници ја напуштија партијата на ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржаа промената на државното име.
Вчера дознавме дека седум или можеби осум пратеници на Има таков народ му откажале послушност на лидерот Слави Трифонов и се подготвени како независни пратеници во бугаркското собрание и натаму да бидат дел од владејачката коалиција. Оваа ситуација недвосмислено потсетува на т.н. „македонско сценарио“, кога предводени од поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска и заедно со Крсто Мукоски, опозициските пратеници ја променија страната.
Иако ваквото сценарио на многумина им се виде како возможно, поранешниот амбасадор на Македонија во Софија, Марјан Ѓорчев, го отфрла како невозможно.
– Не, јас мислам дека ова е обид да се сочува владата на Петков, но тоа нема никаква врска со Македонија. Западните сојузници се обидуваат да ја сочуваат неговата власт, бидејќи се свесни за геостратешкото значење на Бугарија, која излегува на Црното Море. Петков ужива голем углед кај сојузниците, во ЕУ, НАТО и во Комонвелтот и сега тој добива помош со цел да се намали руското замешателство во Бугарија. Но, тоа нема никаква врска со ветото – вели Ѓорчев.
Прво Македонија да падне, па ќе падне и ветото
Претседателот на организацијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков, е дециден дека ветото ќе биде кренато доколку Македонија беспоговорно ги прифати бугарските барања и само така нашата земја може да добие датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
– Антимакедонската политика и настроенија во Бугарија кои се надградуваат со години без никаква реакција од македонска страна се исклучително силни. Пред овој „кинески бедем од омраза“ Петков не би го симнал ветото без капитулација од македонска страна. Ги слушнавме неговите „три“ барања, кои се сведуваат на бугаризација на Македонија и нејзино претворање во бугарски вазал. Не мислам дека има шанса симнувањето на ветото да помине низ парламентот во било каква комбинација. Дури и да има пребегани парламентарци, другите коалициски партнери плус опозицијата нема да го подржат. Партиите што отворено го поддржуваат дигањето на ветото не можат да соберат ниту 30 отсто. Може да има пребегани парламентарци за спас на владата, но не и за дигање на ветото – вели Стојков.
Тој додава дека тука повеќе се работи за закана пред меѓународната заедница, односно се испраќа пораката, не ја притискајте Бугарија зашто владата ќе падне.
– Ако притисокот продолжи сосема е можно во Бугарија да биде одиграно распаѓање на коалицијата за да помине власта во претседателот на државата (Румен Радев), чиј став спрема Македонија знаеме каков е. Македонија е централна тема на сите овие маневрирања – додава Стојков.
Петков ќе добие поддрша од ГЕРБ и од ДПС?
Поранешниот премиер и до неодамна специјален пратеник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, вели дека најнепосакувано сценарио за Македонија е во Бугарија да се одржат нови избори, иако очекува владата на Петков да остане и да ги преживее актуелните турбуленции.
– За жал, неколку потези кои ги правеше Петков во последниот месец дена, оставааат и кај мене резерви, дали тој е подготвен за таков решителен чекор – изјави Владо Бучовски во гостувањето на ТВ Телма.
– Според моја проценка, ако тој го реши ова прашање (за Македонија) да биде во Парламентот, ќе ја добие поддршката и на дел од пратениците и од ГЕРБ и од ДПС, но тоа се други калкулации кои ќе ги прават и тие во следната недела. Мислам дека ќе го има мнозинството, но нема многу време и до Самитот на ЕУ. Времето и нему не му е сојузник а и кај нас како веќе да има замор од ова исчекување – додава Бучковски.
Бучковски смета дека турбуленциите на бугарската политичка сцена со употребата и злоупотребата на македонското прашање, покажува дека околу тоа се прави кохезија на сите проруски сили во Бугарија, кои се насекаде.
Нови избори се катастрофа за Бугарија
Самиот Петков потврди дека во иднина ќе може да смета на пребеганите пратеници од партијата Има таков народ (ИТН).
– Видовме дека има храбри и одговорни луѓе и сега мора да се следи нивниот пример – рече Петков, откако неколкумина пратеници од ИТН, на чело со министерот за спорт во оставка Радостин Василев, објавија дека ја напуштаат пратеничката група.
– Се фокусиравме да имаме 121 пратеник кои нема да се зависни, да нема кој да ја спречи промената во антикорупциската комисија, да нема кој да го запре буџетот. Радостин Василев и пратениците порачаа дека нивната лојалност е кон Бугарија. Сега прашање е да се следи нивниот пример со уште 7 лица – изјави Петков.
Тој беше дециден дека нема задкулисни договори и изрази уверување дека „Продолжуваме со промената“ ќе добие и други поддржувачи.
– Разговараме со многу луѓе, идејата е секој да ја сфати огромната одговорност што ја носи. Ако немаме 22 предлог-закони до крајот на годината, губиме 12 милијарди од европски фондови, нема ажурирање на пензиите, младите семејства нема да добиваат дополнителни даночни олеснувања, цените на горивата продолжуваат ќе продолжат да растат и веројатно уште еден бран ковид доаѓа наесен – додаде Петков, нагласувајќи дека уште едни избори ќе бидат погубни и ќе се загуби историски важно време.
ЌЕ ДОБИЕ ЛИ ЗАПАДОТ „БРУТАЛЕН ПУТИНИЗАМ“ ВО БУГАРИЈА?
„Доколку Скопје не направи отстапки и Бугарија го укине ветото, тоа неизбежно ќе ги зајакне антиевропските чувства. Бугарите веднаш ќе сфатат дека владата тоа го прави под диктат на нашите западни партнери. Од ова, без сомнение, ќе има корист партијата Вазраждане“, изјави за Еуроактив Димитар Ганев од социолошката агенција „Тренд“.
Вазраждане е екстремистичка сила предводена од Костадин Костадинов, која се надоврза на антиваксерски и проруски чувства. Во актуелниот парламент оваа партија има 13 пратеници од вкупно 240.
Политикологот Парван Симеонов од агенцијата Gallup International Balkan ја удвои прогнозата на Ганев. Тој вели дека речиси 70 отсто од Бугарите се против укинувањето на ветото на Скопје, а ако тоа се случи, Западот ќе добие „брутален путинизам“ во Бугарија.