ПЕТКОВ Е НЕСТАНДАРДЕН ПОЛИТИЧАР Според Пендаровски, тој не употребува реторика препознатлива за поранешни времиња

Финалното решение со Бугарија треба да биде претставено пред пратениците. Мора да влезе во Законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие, смета претседателот Стево Пендаровски.

2,029

Далеку сме од ситуација во која ќе кажеме дека работата е завршена или дури и дека е поодмината во позитивна насока. Треба да бидеме многу претпазливи и да не избрзуваме, зашто станува збор за многу сензитивно прашње од највисок национален и државен интерес. Треба поширок општествен консензус и добро обмислување на секој нареден чекор, рече вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за телевизија 24 по повод денешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков.

Според него, денешната посета на Петков, како за прво доаѓање во земјава, била одлична, а за поздравување е и тоа што Петков имал средба со опозициските партии.






– Другата страна наметна сет прашања кои задираат во нашиот идентитет и ние тоа не смееме да го дозволиме. Затоа мораме при секој предлог што доаѓа од чија ило страна, па дури и од најновата Влада во Софија, три пати да мериме, еднаш да сечеме, напомена Пендаровски. Петков – оцени Пендаровски, е нестандарден политичар, со нестандарден вокабулар.

– Мислам дека станува збор за нетрадиционален политичар, со нестандарден вокабулар, кој не употребува реторика препознатлива за едни поранешни времиња. Во еден или два збора, би го опишал како технократ и оптимист. На заминувањето од кај мене, му реков дека знам само еден човек во политиката кој бил поголем оптимист од него – Зоран Заев – истакна Пендаровски.

Финалното решение со Бугарија треба да биде претставено пред пратениците. Мора да влезе во Законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие, смета претседателот Стево Пендаровски.

Граѓаните од двете страни, и од македонска и од бугарска, оценува претседателот, мора да знаат за што се преговара.

Според шефот на државата, никако не може да се „протне“ решение кое би било недостоинствено.

– Не, нема шанси тоа да се случи. Не може да се протне такво решение. Прво јас ќе излезам на прес-конференција и ќе кажам „народе, јас ова не го прифаќам“. И не мислам дека било кој договор треба да се крие од македонската или бугарската јавност. На сила таа работа не оди, треба да им се каже на граѓаните – „за ова разговараме и со ова не се рушат националните позиции“ – рече шефот на државата во „24 анализа“.

Пендаровски е дециден: „Ако сакаме да потпишеме договор што ќе трае, што ќе биде прифатен од мнозинството граѓани, мораме пред да го потпишеме да им го кажеме и да добиеме од нив позитивен фидбек“.

– Мора македонската јавност да види за што станува збор, пред да влезе во сила тој документ – потенцира Пендаровски.

Во однос на тоа што го соопшти поранешниот вицепремиер Никола Димитров, претседателот потврди дека по секоја координација во Владата, оформениот документ најпрво доаѓа кај него, а државниот одговор бил заеднички во однос на 5+1 планот.

– Претпоставувам дека Димитров е во право и дека имало различни ставови за сензитивни прашања. Но, откако ќе завршеа со консулатациите во Владата и кога ќе оформеа документ, јас го добивав. Ме прашуваа и јас што мислам. Нашиот договор, државен, не само владин, беше идентичен на португалскиот предлог, државниот одговор беше заеднички и во однос на 5+1 планот. А што се случувало во координациите, пред тоа, не знам – рече Пендаровски.

Поврзани содржини