ПЕТДНЕВЕН ФИЛМСКИ СПЕКТАКЛ НА ПЛАЖА Почнува „Beach Film Festival“ во Охрид

Проекциите на филмовите се предвидени на четири актрактивни локации, на главното отворено кино на плажата „Славија“, култната плажа „Сараиште“, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид.

53

Повеќе од 60 проекции на најнови европски филмски остварувања се на програмата на осмото по ред издание на „Филмскиот фестивал на плажа“ што од утре до 27 овој месец ќе се одржува во Охрид.

Проекциите на филмовите се предвидени на четири актрактивни локации, на главното отворено кино на плажата „Славија“, култната плажа „Сараиште“, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид.






Отворањето на фестивалот е закажано за утре вечер, со проекција под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото. Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм. За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија). Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески, информираат организаторите.

„Beach Film Festival“ не е само платформа за филмови, туку и за идеи за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката.

Фестивалот се одржува со поддршка на Агенцијата за филм, Општина Охрид, Шпанската амбасада во земјава, „Гете“ институтот, Францускииот институт, Италијанска амбасада, „Халкбанка“ и „Соко“.

Манифестацијата годинава е со хуманитарен предзнак, сите средства од продадените билети и доброволните донации ќе бидат донирани на семејствата на загинатите и настраданите во пожарот во Кочани.


 

Поврзани содржини