ПЕТЧАСОВЕН КОЛАПС НА СИСТЕМОТ НА МЕПСО Саниран дефектот поради кој цел Прилеп и регионот беа без струја
Екипите на МЕПСО и ЕВН Македонија со часови работеа на отстранување на дефектот што го остави Прилеп и дел од Кавадарци без струја повеќе од пет часа.
Повеќе од пет часа без електрична енергија синоќа останаа жителите на Прилеп, дел од околните села кон Битола, како и делови од општината Кавадарци, поради сериозен дефект на високонапонскиот систем.
Екипите на МЕПСО и ЕВН Македонија со часови работеа на тешко пристапни терени за да го откријат и санираат проблемот. Според информациите, дефектот настанал на 110 киловолтниот далекувод Прилеп–Кавадарци, што е дел од преносната мрежа под надлежност на МЕПСО.
„Прекинот со снабдување со електрична енергија кај Прилеп и околните села е целосно саниран во 00:49 часот. Во моментов нема прекин со електричната енергија“, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од ЕВН Македонија дополнително појаснија дека дефектот не бил во нивната дистрибутивна мрежа, туку на високонапонскиот преносен систем на МЕПСО, кој ја снабдува целата јужна и централна зона на земјата.
ЦУК претходно информираше дека цел Прилеп бил без струја, а делови од Битолско и Кавадаречко исто така биле погодени. За среќа, по неколку часа интензивна работа, напојувањето е целосно нормализирано, а истрагата треба да утврди што точно го предизвикало дефектот на далекуводот.
 
			