ПЕТАР Ѝ ДОНЕСЕ НЕИЗМЕРНА РАДОСТ Највозрасната прворотка забременила со своја јајце клетка
Пациентката имала три претходни интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред.
Во светот на медицината повеќе не постојат граници и македонската медицина може да се мери со онаа во светот, изјави директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство доктор Ирена Алексиоска Папестиев откако на оваа Клиника пред неколку дена се породи највозрасната прворотка во земјава на возраст од 61 година.
Бебето се вика Петар. Родено е со тежина од 2.350 грама и должина од 48 сантиметри.
– Оваа пациентка е првата што останала бремена со сопствена јајце-клетка, која што била криопрезервирана (замрзната), која што добила ин-витро третман во нашата држава, целата бременост ѝ била следена во нашата држава и раѓањето е завршено на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – рече директорката Алексиоска Папестиев.
Пациентката е породена со царски рез во 36-та гестациска недела, а оперативниот тек минал уредно.
Мајката-херој, како што ја нарекле на Гинекологија, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато. Имала 10 ин витро интервенции и 10 спонтани абортуси. Во изминатите години пациентката имала и други 3 гинеколошки операции, од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста таа имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред.
Мајката и бебето денеска ќе бидат пуштени дома, а за бебето ќе се грижи и таткото кој има 65 години.
– Денеска ги испраќаме дома бебето и родителите кои не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме. На Петар и на неговите родители им посакуваме одлично здравје, безгрижно детство и долги години на радост минати заедно со семејството – истакна директорката на Клиниката.
До неодамна најстара бремена пациентка била 60-годишна жена која, бидејќи не била граѓанин на нашата држава, породувањето го завршила во земјата од која потекнува.
Во регионот, највозрасна прворотка била Љубица од Србија која родила на 62 години, но со донирана јајце клетка и трансфер извршен во Чешка, како и Афифа (61 година) исто така од Србија која по три неуспешни инвитра, останала бремена. Во светот, најстари пациенти се 62-годишна пациентка од Шпанија и 76-годишна жена во Индија.
НА 61 ГОДИНА ПРВПАТ СТАНА МАЈКА Таа е највозрасната прворотка во Македонија