ПЕТАР БОГОЈЕСКИ ЌЕ ТУЖИ ПАРТИИ, ФИРМИ И НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ Правеле негови лажни профили на кои ширеле омраза во негово име
Лидерот на Македонски концепт вели дека дел од тие креирани лажни профили и материјали, закани за физичка ликвидација и сл. веќе се пријавени во Министерството за внатрешни работи и надлежните институции преземаат мерки согласно законските надлежности.
Претседателот на партијата Македонски концепт Петар Богојески соопшти дека ќе почне правна постапка пред надлежните институции против правни и физички лица, меѓу кои се и одредени политички партии, нивни функционери, невладини организации, самонаречени новинари и поединци поврзани со претходната власт на ДУИ и СДСМ.
Тој ги обвинува дека овие субјекти креирале серија лажни профили со неговиот идентитет, на сите социјални мрежи со намера да фабрикуваат ставови, статуси и коментари во кои се шири говор на омраза и омаловажување, кои не се негови.
„Нивното делување има за цел создавање на атмосфера на јавен линч и поттикнување закани, со што директно се загрозени мојот личен и физички интегритет, но за жал и на моето семејство. Дел од тие креирани лажни профили и материјали, закани за физичка ликвидација и сл. веќе се пријавени во Министерството за внатрешни работи и надлежните институции преземаат мерки согласно законските надлежности“, наведува Богојески во соопштението.
Богојески , како што соопшти, веќе јавно реагирал на серија лажни профили со негов идентитет.
