Пет лоши и само една добра вест за делта-сојот
Единствената добра вест, според д-р Бабиќ, е тоа што вакцините сè уште се ефикасни и против делта-сојот, па иако опаѓа процентот на ефикасноста, тие и понатаму ги спречуваат сериозните форми на оваа болест кај оние кои имаат примено вакцина.
Пет лоши и само една добра вест засега постојат за делта-сојот на коронавирусот. Ова го тврди д-р Милош Бабиќ, српски неуробиолог и молекуларен биолог од Сан Диего, а меѓудругото, тој предупредува: „Кој не сака вакцина, тој ќе си добие вирус“.
Единствената добра вест, според д-р Бабиќ, е тоа што вакцините сè уште се ефикасни и против делта-сојот, па иако опаѓа процентот на ефикасноста, тие и понатаму ги спречуваат сериозните форми на оваа болест кај оние кои имаат примено вакцина, пренесува Мондо.
„Фајзер“ покажува заштита од 96 отсто, „АстраЗенека“ околу 92 отсто, „Џонсон и Џонсон“ 85-90 отсто, а за „Спутник“ се очекува слична ефикасност како за „АстраЗенека“.
Во продолжение, ви ја пренесуваме анализата на д-р Бабиќ во целост:
Зошто се нарекува делта?
Поради бројот на мутации на коронавирусот, научната номенклатура е конфузна за комуникација со голем дел од популацијата, поради што СЗО неодамна реагираше и најважните мутации го добија името од грчките букви. Сојот кој претходно се нарекуваше B.1.617.2 или индиски сој, сега го доби името „делта“.
Делта исто така е симбол кој во математиката се користи за да се означи промена, разлика или растојание. Оттаму можеме да прашаме: која е „делта“ измеѓу претходните соеви и новата делта?
Делта сојот е позаразен од првиот сој
Кај почетниот ковид-19, секоја заразена личност ја пренесуваше заразата на отприлика уште две личности. Досегашните проценки на делта-сојот укажуваат дека човек кој е заразен со делта-мутацијата може да зарази од пет до осум личности. Кога еднаш ќе се појави во одреден регион, делта-сојот станува доминантен.
Произведува значајно потешка болест
Иако се потребни уште информации, досегашните бројки покажуваат дека делта-сојот предзивикува до 85 проценти поголема хоспитализација кај невакцинираните, кога ќе се земе предвид староста на заболените. На пример, нивото на тешко заболени или, пак, смртни случаи е релативно мал во споредба со бројот на заразени во Велика Британија, пред сè поради тоа што постарите луѓе се вакцинирани, а заразата се појавува претежно кај младата популација.
Нов симптом: оглувување
За разлика од претходните соеви, во сојот делта се појави нов симптом: губење на слухот (понекогаш и трајно), многу сериозни гастроинтестинални проблеми, а во ретки случаи и периферна гангрена како резултат на целосна блокада на капиларите од микротромбови. За среќа, ова не е знак за промена на механизмите кои вирусот ги користи, само се работи за зголемување на ефективноста и брзината на инфекцијата. Новите симптоми се најверојатно резултат на зголеменото и забрзано ширење на вирусот во организмот, што прави повеќе микротромбови, фузија помеѓу ќелиите и слично, отколку кај другите соеви.
Антителата не вршат работа
Податоците засега се навистина слаби и ситуацијата е подобра отколку што изгледа. Ќе видиме како сето ова ќе се развива откако ќе пристигаат уште нови податоци – наведува докторот.
Добрата вест
Вакцините всушност, добро се држат против делта-сојот. Иако опаѓа процентот на ефикасност, тие и понатаму ги спречуваат сериозните форми на оваа болест кај оние кои имаат примено вакцина. „Фајзер“ покажува заштита од 96 отсто, „АстраЗенека“ околу 92 отсто, „Џонсон и Џонсон“ 85-90 отсто, а за „Спутник“ се очекува слична ефикасност како за „АстраЗенека“.
Постои и епсилон-сојот
На списокот „мутации“ се појавува и Епсилон варијантата, која сè уште ја нема на списокот на загрижувачки варијанти, но содржи голем број мутации кои ја намалуваат ефикасноста на антителата од претходното заболување, но и од вакцинацијата. Епсилон не е на повеќето од листите, бидејќи сè уште не е толку силен како делтата. Но, се споменува пример: промените присутни во Епсилон варијантата можат да се појават и во делта. Ваквата еволуција е скоро и гарантирана, ако ги земеме предвид поголемиот број на невакцинирани од популацијата која функционира како инкубатор за понатамошни нови мутации. Можеме да очекуваме дека бројките на ефективност на досегашниот постоечки имунитет, ќе опаѓаат во текот на следнава година.
Далеку сме од победа
Вакцинирањето во нашите краеви достигнува скоро 40 отсто. Тоа не е ни одблиску задоволително ниво на имунитет кој е потребен за да се прекине заразноста која ја има делта. За запирање и вистинска контрола на епидемијата, потребно е 90 отсто вакцинирано население. Секој случај кога некој ќе умре или ќе се разболи по примањето на вакцина се пренесува и претставува како доказ за светска завера, иако можете да најдете такви нагли смртни случаеви и заболувања и кај невакцинираната популација, во целата историја.
Истовремено во државите и местата каде што голем број на народ ја има примено вакцината, нема болница која наеднаш се наполнила поради „жртви на вакцината“. Животот продолжува нормално. Познатите нус-појави од вакцината се многу ретки, па дури и кај најранливата популација, тие се неспоредливо помалку штетни и опасни од вирусната инфекција – вели Бабиќ
„Тие се најзагрозени, а никој не сака да им помогне!“
Не сум пророк, но можам да кажам моја претпоставка. Во наредните месеци, вакцинираните ќе продолжат да ги живеат своите животи, а ковид-19 ќе продолжи да удира по невакцинираната популација (особено откако ќе пристигне делта и нејзините потомци во полна снага). Некои од луѓето кои се плашат од вакцината, полека ќе го променат своето мислење, додека другите нема да ја сакаат вакцината, па порано или подоцна ќе го добијат вирусот. Поголемиот дел ќе го прележат вирусот, најчесто без посебни проблеми и потоа ќе речат: „Ете гледаш, не требало да се боцкам, не ми е ништо“. Помал број ќе имаат тежок облик на болеста, тешки последици или ќе умрат, тие или нивното семејство, можеби потоа ќе се предомислат, но ќе биде предоцна.
За голем број на вакцинирани останува закана дека во таа невакцинирана популација ќе продолжат да се шират мутации, што ќе ја намалуваат секојпат повеќе ефикасноста на вакцината. Порано или подоцна, вирус кој успеал доволно да развие начини за да ги заобиколи антителата, исто така ќе може да ја заобиколи и вакцината, но сè поголемиот број на податоци покажува дека можеме да се надеваме дека имунитетот нема да падне во потполност на нула, со само еден чекор. Вакцинираните ќе се разболуваат, но ќе имаат (во повеќето случаи), полесен тек на болеста, со помалку компликации и смртни случаи. Неодговорноста на невакцинираните исто така значи дека се зголемува веројатноста дека ќе биде потребна дополнителна доза против варијантата.
Најголемите губитници во оваа ситуација се постарите луѓе, имунокомпромитирани, пациенти со карцином и оние кои поради некоја медицинска причина не можат да ја примат вакцината. Наместо околината околу нив да се имунизира и да се спречи вирусот да дојде до нив, бројот на невакцинирани во нашиот крај само гарантира дека циркулацијата ќе си продолжи без пречки. Тоа значи дека инфекцијата порано или подоцна ќе дојде и до оваа осетлива популација, па кој жив, кој мртов – наведува Бабиќ