ПЕСНАТА „ШТО САКА НЕКА БИДЕ“ БИЛА СИГНАЛ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ПРСКАЛКИТЕ На вокалот Ана Костадиновска ѝ биле изгорени гласните жици, добила и изгореници по телото

Паднав во стампедото кај самиот излез, не видов повеќе никого од бендот. Вратата беше затворена, не можевме да сфатиме зошто. Се чувствуваше страшен мирис кој тераше на спиење, цело време бев свесна, се трудев да не заспијам, сведочи вокалот Ана.

2,981

Придружниот вокал, професорката Ана Костадиновска, која го преживеа пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска во судот рече дека не знае кој бил задолжен да ги мести прскалките во клубот. Таа на денешното рочиште рече дека има отштетно побарување и се приклучува кон кривичниот прогон.

– Лично, никогаш во ниту еден клуб не сум видела кој ги местеше прскалките – рече таа и додаде дека не знае кој член од клубот бил задолжен да ги мести прскалките.






Во последните 4 години ДНК бил многу баран бенд и често имале настапи.

– Во последните години речиси на секој настап се користеа прскалки. Прскаа во мене, во опремата, никогаш претходно не се случил инцидент – рече Костадиновска.

Таа соработувала со бендот ДНК, не била постојан член на бендот. Со загинатата колешка Сара Пројковска, била блиска пријателка. И Пројковска, била повикувана за одредени настапи и не била постојан член на бендот.

– Нѐ повикуваа изведувачите, доколку имаат потреба од вокална поддршка. Владимир Блажев Панчо и Андреј Георгиевски беа главни вокали – рече таа.

За техничкиот дел бил задолжен Мартин Атанасовски, кој се грижел за превозот, за сѐ да биде на сцена.

Вратата кај сцената била заклучена

Дента на настапот до Кочани патувале со автомобил.

– На 15.03.2025 тргнавме во 21 часот, околу 22 часот бевме во клубот. Ја одработивме тонската проба и се повлековме, чекајќи да почне настанот, кој беше закажан после полноќ. Сите од бендот учествуваме на пробата. Отидовме во еден импровизиран бекстејџ, нешто како канцеларија, одвоен дел од дискотеката и таму чекавме. Таму се подготвувавме, јас и Сара во тоалетот се подготвувавме, таму имаше одвоен тоалет. Таа канцеларија, бекстејџ, беше во самиот објект. Вообичаено, вечеравме таму, муабетевме, немаше ништо невообичаено – рече Костадиновска.

Концертот почнал околу 1.40 часот.

– Во ова диско немаше посебен бекстејџ, бевме во канцеларија, па моравме до сцената да се пробиваме низ публиката, а дискотеката беше полна. Бината беше поставена високо, крената, се качувавме по скали – рече таа и објасни како се распоредиле членовите на бендот на бината, кој стоел лево, кој десно, а кој бил во позадина.

До избувнувањето на пожарот испеале 4 до 5 песни.

– Ја изведувавме песната „Што сака нека биде“. На рефренот се вклучија прскалките. Секогаш ги вклучуваа на истата песна. Почувствував необична топлина, погледнав нагоре и видов пламен. Сѐ се случи брзо, Владимир повика да излеземе. Морам да кажам дека не ја сфативме сериозно ситуацијата и се повлекувавме полека. Кај сцената забележав врата, ги повикав оттаму да излеземе, ама беше заклучена, па се упативме кон подолгиот пат и кај шанкот веќе настана ескалација – рече таа.

Стампедо, мирис што тера на спиење и безизлез

Ана сведочеше дека сопственикот на дискотеката донел ПП апарат. Панчо го зел апаратот и се обидувал да го изгасне пожарот.

– Кога тргнавме кон излезот почна да се слуша пукање, вриштење, паѓаа ситни пластики кои нѐ удираа по грбот, настана стампедо, сите наеднаш тргнаа кон излезот. Заклучивме дека не можеме да излеземе. Јас и Сара го поминавме шанкот, тука патот се делеше на излез од дискотеката и излез кон шанкот. Јас и Сара во тој момент се разделивме и веќе не се видовме. Јас паднав во стампедото кај самиот излез, не видов повеќе никого од бендот. Вратата беше затворена, не можевме да сфатиме зошто. Се чувствуваше страшен мирис кој тераше на спиење, имаше многу вриштење. Јас цело време бев свесна, се трудев да не заспијам. Ми помогна еден дечко, кој беше свесен и нѐ држеше сите будни. Ногата ми беше приклештена, врз мене имаше многу луѓе, мислев дека нема да излезам. Не можам со зборови да опишам колку беше страшно. Потоа се почувствува свеж воздух, што ни даде надеж за спас, не знам како се отвори вратата, еден дечко се помрдна, ја извадив ногата и еден од луѓето кои беа надвор ме извлече. Останав пред диското 2 или 3 часа, чекајќи ги моите другари. После случајни минувачи ме однесоа во болницата во Кочани. Ми беа изгорени гласните жици и не можев да зборувам. Добив соодветна терапија. Се најдов со познати, сосема случајно, кои ме однесоа во Скопје. Коленото ми беше набиено навнатре, за чудо немав скршеница, а уште имам болки. Имав и изгореници по целото лице, веројатно од високата температура, а имаше и капење одозгора од кои добив изгореници по телото кои личат на изгореници од цигара – рече таа.

Пејачката рече дека во 7 часот наутро стигнала во Скопје. Внука ја однела во „Аџибадем Систина“, каде останала хоспитализирана 2 дена.

Таа дознала што се случило со членовите на ДНК додека била во болница во Скопје.

– Веста до ден денес не сум ја примила до крај. Сѐ уште се лекувам, на психолози. ДНК беше моето второ семејство, а Сара ми беше сестра – рече таа.

Ана рече дека не знае колку луѓе точно имало вечерта во дискотеката, ама дека било полно.

– Не забележав дали има обезбедување, со ознаки, можеби имало, не сум видела – рече таа.

Ана потврди дека го познава Денис Даутовски, кој бил техничко лице во ДНК пред да биде заменет од Мартин Атанасовски.

Поврзани содржини