ПЕСКОВ ЗНАЕ ШТО ГО ЧЕКА ЗЕЛЕНСКИ ВО САУДИСКА АРАБИЈА? „Вашингтон сака да види дека Киев сака мир“
Додека портпаролот на Кремљ вели дека украинско-американската средба во Саудиска Арабија ќе биде за Вашингтон да се увери дека Украина сака мир, украинскиот лидер Володимир Зеленски на Телеграм објави дека Украина се стреми кон мир уште од првата секунда на војната.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во врска со разговорите меѓу САД и Украина, кои треба да се одржат во Саудиска Арабија, изјави дека Вашингтон сака да види за време на овие разговори дека Киев сака мир.
Тој ги демантираше медиумските извештаи дека Русија и САД ќе разговараат во Саудиска Арабија оваа недела, пренесоа руските медиуми.
– Русија и САД се во почетната фаза на патот кон обновување на билатералните односи, овој пат ќе биде долг – оцени Песков.
Тој рече дека рускиот и американскиот претседател имале само еден телефонски разговор откако Трамп ја презеде функцијата и дека разговорот „бил доволно конструктивен за да бидат во дијалог и да ги решат проблемите“.
Во меѓувреме украинскиот лидер Володимир Зеленски на Телеграм напиша дека Украина сака мир. Неговата објава доаѓа во очи на закажаната средба меѓу претставници на САД и на Украина, која треба да се случи во вторник.
„Украина се стреми кон мир уште од првата секунда на војната, а ние секогаш зборувавме дека единствената причина зошто војната продолжува е Русија“, нагласи украинскиот лидер.
Средбата меѓу делегациите на САД и Украина треба да се одржи во вторник во Саудиска Арабија. Американската делегација ќе ја предводи американскиот државен секретар Марко Рубио придружуван од секретарот за национална безбедност и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток.
Украинската делегација ќе ја предводи Андриј Јермак.
Се очекува и Зеленски да се сретне со принцот престолонаследник Мухамед Бин Салман.