ПЕСКОВ ВЕЛИ ДЕКА ЗЕЛЕНСКИ ГО ОДБИЛ ПУТИН ЗА СРЕДБА Зеленски тврди дека Путин е тој што купува време
Зеленски беше поканет во Москва да разговара, а не да капитулира. Ова беше предлог на Путин. И видовме дека Зеленски го отфрли преку својот министер за надворешни работи, изјави портпаролот на Кремљ пред новинарите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го поканил Зеленски во Москва на разговори. Тој нагласи дека Зеленски ја одбил поканата на рускиот претседател да дојде во Русија.
– Зеленски беше поканет во Москва да разговара, а не да капитулира. Ова беше предлог на Путин. И видовме дека Зеленски го отфрли преку својот министер за надворешни работи – изјави Песков пред новинарите на маргините на Источниот економски форум, објави РИА Новости.
Тој изјави дека Русија го смета најавеното присуство на странски трупи во Украина, вклучително и НАТО, за закана и дека Русија ќе ја продолжи „специјалната воена операција“ сè додека не се појават можности за политичко и дипломатско решение на конфликтот.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американски Ти-Би-Ен изјави дека ги поддржува сите предлози на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на руската војна, но дека, како што изјави, рускиот лидер Владимир Путин ги отфрла сите обиди за преговори.
– Уште еднаш повторувам дека Путин се обидува да отфрли какви било преговори. Путин се обидува да „купи“ прекин во политиката на санкции… Тој се обидува да манипулира, да купи време, користејќи разни причини зошто САД треба да почекаат малку, да не вршат таков притисок – објасни Зеленски велејќи дека Путин е потенцијалн лажго кој не ги почитува вредностите на САД.
Зеленски откри и дека „имал многу добар разговор со претседателот (Трамп) и неговиот тим“ на 18 август.
– Не сакам да му дадам на Путин ниту еден процент можност да каже дека мирот не може да се постигне поради Украина – рече Зеленски.