По втор пат, за последниве десет дена, утре од 09:30 до 17 часот жителите од туристичката населба Пештани, крај Охрид, некогашниот авто камп „Градиште“, ќе организираат мирен протест под мотото: „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“.
Тие бараат враќање на одземените имоти во процес на денационализација. Всушност, пештанци бараат да им се вратат имотите на барателите кои имаат неколку пресуди во нивна корист.
Пресудите на Управен суд мора да се спроведат бидејќи се задолжителни и извршни, велат пештанци!
Со цел, да дојде до нарушување на јавниот ред и мир, пештанци побараа присуство на припадници на МВР.
Имено, закупците на просторот имаат ангажирано приватно обезбедување, кои не им дозволуваат влез во кампот, односно нивните имоти.
Организатор на протестот е здружението на граѓани со одземени имоти во процесот на денационализација „Оревче“ од село Пештани.
Пештанци добиваат поддршка и од невладините организации, пред се, еколошки асоцијации, бидејќи проблемот, покрај што навлегува во сопственичките односи, е и точка на која еколозите постојано укажуваат, ставајќи ја оваа атрактивна област во контекстот на загрозеното културно и природно наследство, под патронатот на УНЕСКО.
Најагилни во тој однос се од „Охрид СОС“. Оттаму сметаат дека на просторот се планира елитна туристичка населба.
Пештанци со децении протестираат барајќи правда за денационализираниот имот на атрактивниот автокамп Градиште во Охрид. Првин започнаа со штрајкови со глад, потоа со блокади пред влезот од кампот и слично.
Повеќе од 100 наследници од 36 семејства, што во Градиште поседувале имот со вкупна површина од 150.000 метри вреден 30 милиони евра, се незадоволни од работата на општинската комисија за денационализација, која според нив, неоправдано ја одолговлекува постапката за решавање на нивните барања за враќање на имотите.
– Бараме Законот за денационализација што го донесе парламентот доследно да се примени. Ние сме оштетени и не можеме да ги оствариме нашите права – велат пештанци.
Спорниот имот бил национализиран во 1957 година. Сопственик на имотот е државата, а корисник фирмата АД „Инекс Горица“. Наследниците велат дека фирмата се приватизирала во 2002 година и покрај тоа што две години пред тоа била почната судска постапка за враќање на имотите.
Наведената фирма, за пристојна рента, просторот го дала на закупец кој пак, продолжил со издавање на просторот и објектите, остварувајќи приходи.