Пешевска: Жената никогаш досега не била поранлива и понезаштитена, здравјето за власта е статистика

Претседателката на унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ смета дека пандемијата е катастрофална по женските права.

406

Соочени сме со можеби најголемиот предизвик досега, со короната, но и со најголема дискриминација на жените по сите основи. Жената никогаш досега не била поранлива и толку незаштитена, изјави Жаклина Пешевска, претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест пред Министерството за здравство со  мото „Здравјето не е статистика, жените против неправдите“.

Повод за протестот беше бавната рекација на изнситуциите на пандемијата и на случајот во кој родилка изгуби три органи за време на царски рез во Охридската болница.






– Како жена сериозно сум загрижена за стравот кој се јавува кај жените трудници, но и кај оние жени и девојки кои во иднина би требало да се реализираат како мајки. По еден голем скандал кој се случи во Македонија, неприфатливо е во 21 век, кога технологијата секојдневно напредува во светот, ние во Македонија да се соочиме со случај да на една жена трудница и биде уништено репродуктивното здравје. Апелирам да не се доведеме во ситуација, губејќи ја довербата во институциите да се вратиме во средниот век па жените да се принудени да се породуваат во своите домови – рече таа.

Таа додаде дека ако жената е таа која ја има дарбата дадена од Бог, да дарува живот, тогаш наша должност е да се грижиме за репродуктивното здравје на жената.

– Со тоа се грижиме и за иднината на светот, бидејќи безбедна жена значи безбедна иднина и здрави генерации – рече Пешевска.

Таа рече и дека во време на пандемија жената изгубила голем број права.

– Пандемијата е катастрофална по женските права бидејќи кога имавме вонредна состојба, најголем дел од нас жените останаа дома да се грижат за домот и семејството, многу жени останаа без работа, а жените во приватниот сектор, цело време одеа на работа. Текстилните и просветните работнички беа принудени да одат на своите работни места користејќи јавен превоз во преполни автобуси, притоа ставајќи го својот живот и животите на своите семејства во ризик. Најмногу беа изложени и сѐ уште се здравствените работници, кои уште на почетокот на пандемијата се соочија со недостаток на заштитна опрема, но и покрај се останаа на првата борбена линија против короната. Тие се херои на ова време и ја заслужуваат сета наша почит и благодарност – рече Пешевска.

Таа додеаде дека бројките во нашата држава се немилосрдни и најголеми во цел свет. Најмногу заразени и мртви, а најмалку заштитени и вакцинирани.

– Како жена го кревам гласот во името на сите трудници и сите хронично заболени лица кои имаат потреба од клексан, а во екот на оваа пандемија се соочија со недостаток на истиот. Апелирам владата да спроведе итна набавка на клексан бидејќи секојдневно има реакции од граѓани кои не можат да го добијат.Мораме да го кренеме гласот во името на сите наши сограѓани кои не можат да добијат термин за тестирање на коронавоирусот. Владата наместо да субвенционираше и овозможеше граѓаните бесплатно да се тестираат, народот беше оставен да талка по институциите за да на крај да мора приватно да се тестира – рече Пешевска.

Таа побара одставки од министерот за здравство Венко Филипче.

-Доста е за сите лаги и манипулации, калкулации со нашето здравје не смее да има. Здравјето не е само статистика на заразени и жртви. Време е оваа власт да си замине и ВМРО-ДПМНЕ да ги исправи сите неправди. Време е за оставка – рече Пешевска.

Поврзани содржини